Над 230 милиони жени и девојчиња биле подложени на отстранување на гениталиите, од кои повеќето живеат во Африка, се вели во извештајот објавен денеска од Агенцијата за деца на Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Во последните осум години, околу 30 милиони жени и девојчиња биле подложени на процедура во која нивните гениталии биле делумно или целосно отстранети, се наведува во извештајот на УНИЦЕФ објавен на Меѓународниот ден на жената, пренесе АП.
Процентот на жени и девојчиња кои се подложени на овој процес се намалува, соопшти УНИЦЕФ, но предупреди дека напорите за искоренување на оваа практика се премногу бавни за да бидат во чекор со рапидно растечката популација.
Оваа практика, за која погрешно се верува дека ја контролира женската сексуалност, може да предизвика сериозно крварење, па дури и смрт.
Девојките се подложени на оваа постапка кога се многу млади или како адолесценти.
На долг рок, може да доведе до инфекции на уринарниот тракт, менструални проблеми, болка, намалено сексуално задоволство и компликации при породување, како и депресија, ниска самодоверба и посттрауматско стресно нарушување.
„Гледаме и загрижувачки тренд дека сè повеќе девојчиња се подложени на оваа практика како деца, многумина пред нивниот петти роденден. Ова дополнително ја намалува можноста за интервенција“, рече извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел.
Само во Африка, околу 144 милиони жени и девојчиња се подложени на ваквата практика а потоа следат Азија и Блискиот Исток со 80 милиони и шест милиони соодветно, според извештајот.
Сомалија е на врвот на листата на земји каде што оваа практика, позната и како женско обрежување, е распространета, со 99 отсто од женската популација на возраст меѓу 15 и 49 години.
Буркина Фасо постигна најзначаен напредок, намалувајќи го процентот на жени на возраст меѓу 15 и 49 години на кои им биле отстранети гениталиите од 80 проценти на 30 проценти во последните три децении.