Техничкиот премиер Талат Џафери ги повика граѓаните кои немаат документи со новото име на државата, да поднесат барања за да ги извадат во следните 50 дена до изборите. Што ќе се случува доколку и по истекот на овие 50 дена има граѓани кои немаат документи, техничкиот премиер вели дека е тема за размислување.
Тој побарал известување за динамиката на издавање пасоши, лични карти и возачки дозволи од Министерството за внатрешни работи. Добил известување дека во периодот од 1 февруари до 29 февруари биле поднесени 123.983 барања за пасоши, а изготвени биле 95.000 пасоши. Во истиот период имало 82.235 барања за лични карти, а изготвени биле 71.410. За возачки дозволи имало 46.280 барања, а изготвени биле 39.552 документи.
„Имајќи предвид дека има уште 50 дена, со оваа динамика тие 100 илјади што се врти информација дека немаат документи во март може сите да се опремат со соодветни документи. Иницијално е од граѓанинот да иницира барање“, рече техничкиот премиер Џафери.
На забелешката од новинарка дека за издадените пасоши во февруари граѓаните закажувале термини и се фотографирале претходните месеци Џафери рече дека тоа се податоци од МВР за динамиката.
„Јас немам име и презиме за издадените пасоши, но можам да побарам. За да имам документ мора да побарам. И јас дома имам петмина што немаат документи ама и не побарале“, одговори Џафери на забелешката.
За оние кои ќе останат без документи за гласање допрва ќе се бара решение.
„Што со евентуално определен број граѓани што ќе немаат документи е тема за размислување за нас. Има време секој да иницира, навремено, соодветно барање да има документ, а отпосле наша обврска е да излеземе со соодветна одлука што и како да постапиме. Не преферирам да зборувам хипотетички што ќе работам“, вели Џафери.
Наспроти ставот на Џафери дека за еден месец сите што немаат може да си извадат документ со кој ќе може да гласаат, Министерството за внатрешни работи фотографирање за лична карта веќе закажува за во октомври.