Скопскиот кривичен суд се прогласи за ненадлежен да одлучува за обвинението против струшкиот градоначланик, Рамиз Мерко.
Од Кривичниот суд информираат дека донеле решение со кое се огласуваат за ненадлежни и предметот, по правосилноста на решението, ќе биде доставен на надлежно постапување во Основниот суд Струга.
„Согласно чл. 32 од Законот за судови, Специјализираното одделение ( КОК ) е надлежно за Кривичните дела: Злоупотреба на службена положба од чл. 353 ст.5, Примање поткуп од значителна вредност од чл. 357 и Противзаконито посредување од чл. 359 од КЗ, извршени од избран или именуван функционер, службено лице или одговорно лице во правно лице. Имајќи го предвид наведениот член од Законот за судови, последните измени на Кривичниот законик објавен во СЛ. Весник бр. 188 од 07.09.2023 год., како и правната квалификација од обвинителниот предлог, односно ст. 4, судот утврди дека Спелцијализираното одделение за оргнизиран криминал и корупција не е надлежно за судење на кривични дела од чл. 353 ст.4 вв со ст. 1 како што Јавниот обвинител го поднел обвинителниот предлог, туку цитираните одредби од Законот за судови се однесуваат само на делото пропишано во став 5 од овој член“, образложија од судот.
Се додава дека со оглед на сето тоа, стварната надлежност да постапува е судот со основна надлежност на чие подрачје е извршено кривичното дело.
Против ова решение странките имаат право на жалба пред Апелациониот суд Скопје.
Претходно, Обвинителството поднесе обвинител акт против Рамиз Мерко за злоупотреба на службената положба при набавката на „аудиото“.