Тестирање за голема кашлица на територијата на целата држава, засилени контроли на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во градинките за откривање невакцинирани деца и дигитална евиденција за сите вакцинирани се денешните препораки од Комисијата за заразни болести. Доктор Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комсијата за заразни болести извести дека до денес се регистрирани вкупно 123 лица заболени од голема кашлица во земјава. Од нив 120 лица се од Скопје, а спорадично , по еден случај има во Тетово, Дебар и Струмица. Иако се уште не може да се каже дека состојбата се разгорува на национално ниво, Комсијата денес препорача тестирање за голема кашлица да се прави и надвор од Скопје.
„Да се овозможи тестирање на ниво на целата држава за пертусис кое ќе биде спроведувано од центрите за јавно здравје препорача Комсијата. Досега таква можност немаше. Во другите градови се работеше микробиолошко култивирање кое што е поврзано со изолацијата на пертусисот меѓутоа сега препорачавме да се овозможи и ПЦР-технологија која што ќе биде достапна за останатите градови во државата, за да можат нивните материјали да се обработуваат во локалните центри за јавно здравје“, рече Мехмедовиќ.
Освен тестирањето Комисијата препорача Државниот санитарен и здравствен иснпекторат да прави засилени контроли во градинките за откривање на нецелосно вакцинирани и невакцинирани деца. Таквите деца, според препораките, треба да бидат изолирани и да не им се дозволи влез во градинките, за заштита, пред се, на нивното здравје но и здравјето на останатите.
На денешниот состанок Комисијата за заразни болести добила известување дека на 15 март ќе пристигнат првите дови вакцини за возрасни заштита од голема кашлица наменети пред се за лица кои живеат или работат со деца под две години и за трудници во последниот триместар од бременоста за да се овозможи имунитет за бебето во првите два месеци од раѓањето.
Двосменското работење на вакциналните пунктови продолжува и во следниот период. Од 18.01 до 29.02. 2024 година по препораката на Комисијата за заразни болести, а по наредба на Министерството за здравство, вакциналните пунктови работат во две смени, а аплицирани се вкупно 22.395 дози вакцини.
Комисијата ги повика родителите да ги вакцинираат децата и да го следат календарот за задолжителна вакцинација.