Францускиот претседател Емануел Макрон пред денешната посета на Прага апелираше дека на Европа и е потребно стратешко будење бидејќи Русија игра со времето и порача дека ништо не е исклучено во дебатата за тоа што може да се направи за да и се помогне на Украина.
„Во одговор на прашањето што ми беше поставено за испраќање единици во Украина, реков дека ништо не е исклучено. Секој збор е важен. Токму сега, Европејците треба да се запрашаат дали нивната сегашна стратегија одговара на декларираните цели. На нашите демократии им треба поттик, им треба стратешко будење“, рече Макрон во интервју за чешкиот дневен весник „Право“ и онлајн изданието на тој весник „Новинки“.
Во интервјуто што беше објавено денеска, а и во вчерашното соопштение, нема изјава што ја цитираа руските медиуми дека Франција не планира да испрати свои војници во Украина во блиска иднина.
„Отвораме дебата и размислуваме за се што може да се направи за да и се помогне на Украина. Секогаш сум кажувал каква е нашата рамка: ние не војуваме против рускиот народ и одбиваме да влеземе во логиката на ескалација. Но, Украинците се борат за нашите вредности, нашата безбедност и слобода и нашиот пристап мора да биде адекватен на тој предизвик“, рече францускиот претседател.
Емануел Макрон предупреди дека режимот на рускиот претседател не победи во таа војна како што тој се обидува да ја прикаже.
„Напротив, Русија претрпе низа стратешки неуспеси, НАТО се зајакна и донесовме одлука Украина да ги започне преговорите за влез во Европската унија. Русија сега се обидува да не натера да веруваме дека времето е на нејзина страна и ние ќе продолжиме да правиме се што е потребно и онолку долго колку што е потребно за да не успееме, и оваа пресметка и нејзината агресија“, рече Макрон.
Францускиот претседател потсети дека на крајот на февруари, членките на ЕУ на конференцијата во Париз се согласија да направат повеќе за Украина во пет области – сајбер одбрана, заедничко производство на оружје во Украина, за безбедноста на земјите кои се директно загрозени од руските офанзива, како што е Молдавија, во зајакнувањето на границата на Украина со Белорусија и отстранувањето мини.
Претседателот Макрон денеска во Прага ќе разговара со чешкиот претседател Петр Павел за чешката иницијатива за пронаоѓање на 1,4 милијарди долари за купување на 800.000 парчиња муниција, а се очекува францускиот претседател денеска да ја соопшти сумата што Франција би ја инвестирала.
Со чешкиот премиер Петр Фијала, претседателот Макрон ќе разговара пред се за нуклеарната енергија, бидејќи на тендерот за изградба на нов реактор во централата Дуковани учествува француската компанија ЕДФ, а чешката влада планира да гради наместо два , дури четири нови реактори во нуклеарните централи Дуковани и Темелин.
Макрон и Фијала ќе го потпишат и Акциониот план на стратешкото партнерство на Франција и Чешка за периодот од 2024 до 2028 година.