Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски оствари средба со директорите на Јавните Установи од областа на социјалната и детската заштита. Првите луѓе на овие институции наведоа дека процесот на деинституционализација треба да претрпи промени во смисла на кадровската екипираност особено за корисниците со пречки во интелектуалниот и телесниот развој.
Стамбените заедници и малите групни домови се скап процес кој државата ја чини многу и мора да се бара начин за негова одржливост, се наведува во соопштението на МТСП.
Велковски наведе дека е голем поборник на овој процес и дека прашањето во моментов е што понатаму и дека не смее да се застанува на пола пат.
„Зборот деинституционализација за жал не го разбираат моите претходници. Тој не подразбира трансформација на установите, туку значи поддршка на биолошките и згрижувачките семејства. Нема поубава атмосфера за живот од семејната. Ниту една стамбена заедница, ниту еден мал групен дом макар и да биде позлатен не може да го замени природното семејство“, изјави Велковски.
Во наредниот период нема да дозволиме квази реформите да ги згазат корисниците и институциите. Ќе се бараат начини да се унапреди овој процес, но пред се со одржливост на системот, додаде тој.