За првпат САД пуштија хуманитарна помош во Газа од воздух

sad-pomosh.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Американската војска денеска за прв пат од воздух пушти хуманитарна помош во Газа, објавија американски официјални лица, во време кога организациите предупредуваат на постојано зголемување на хуманитарната катастрофа во палестинската енклава.


Три авиони Ц-130 испуштија повеќе од 35.000 оброци на територијата каде, според Обединетите нации, четвртина од населението е на чекор од глад. Палестинците на социјалните мрежи објавија дека пристигнуваат кутии со помош.

Белата куќа најави дека хуманитарната помош од воздух ќе продолжи и дека Израел ја поддржува операцијата.

Додека продолжува скептицизмот во врска со продолжувањето на преговорите за прекин на огнот во Египет во неделата, Министерството за здравство на Појасот Газа објави дека најмалку единаесет Палестинци биле убиени во израелски воздушен напад врз шатор во Рафах, јужниот дел на енклавата каде што повеќе од еден милион Палестинци побегнале.

Министерството објави дека уште 50 лица се повредени во нападот во болницата во областа Тел Ал-Султан во Рафах. Во нападот загинал лекар од болницата.

„Првиот удар директно го погоди шаторот каде луѓето бараа засолниште, шрапнели ја погодија болницата во која седевме јас и моите пријатели, преживеавме за чудо“, изјави за Ројтерс сведок од Газа.

Израелската армија објави дека нејзините сили убиле осум милитанти во Кан Јунис, од кои околу 20 во центарот на Газа и уште тројца во Римал, во близина на Газа.

Во Рафа има повеќе од еден милион Палестинци кои пристигнаа од другите делови на енклавата, уништена под налетот на израелската армија, во која загинаа повеќе од 30 илјади луѓе.

Американскиот претседател Џо Бајден се надева дека примирјето ќе стапи на сила до почетокот на светиот исламски месец Рамазан, кој започнува на 10 март.

Расте меѓународниот притисок за прогласување прекин на огнот. Обединетите нации предупредија дека четвртина од 2,3 милиони жители на Појасот се во опасност од глад. Според локалните жители и лекарите, во саботата биле убиени три лица кои барале храна во земјоделска област во северна Газа.

Тринаесет деца починале од дехидрација и глад во изминатите три дена во болницата Камал Адван, исто така на северот од Појасот, соопшти Министерството за здравство на енклавата. Лекарите предупредуваат дека оваа опасност им се заканува на повеќе деца.

„Ако детето треба да јаде три оброци на ден, а јаде само еден, очигледно е дека гладува и поради тоа е изложено на ризик од сите болести“, вели докторот Имад Дардона.

Бајден во петокот го објави американскиот план за транспорт на хуманитарна помош, еден ден откако голем број Палестинци загинаа додека примаа хуманитарна помош.

Здравствените власти во Газа објавија дека израелската армија застрелала и убила 115 луѓе, додека Израел ја отфрла таа бројка и тврди дека повеќето од жртвите биле прегазени во стампедо.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK