Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи, Митко Бојмацалиев, оствари телефонски разговор со министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ, а во врска со одобрувањето на Босна и Херцеговина за патување на македонските граѓани со лична карта.
Бојмацалиев информираше дека со министерот Нешиќ разговарале во насока на тоа во Босна и Херцеговина да може македонските граѓани да патуваат со лични карти со старото име, почитувајќи ја Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за условите за патување на државјаните на двете земји, потпишана во 2018 година.
Во оваа прилика Бојмацалиев го истакна значењето на градење мостови со пријателските земји, и рече дека оваа можност е во рамките на засилената соработката и унапредените односи помеѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина во изминатиов период, како и тоа дека истата пракса е веќе воспоставена и со, Република Србија, Албанија и Косово каде што се дозволува влез со лична карта со старото име на државата.
Воедно, Бојмацалиев потенцираше дека МВР е подготвено да стори се’ што е потребно за да им се овозможи на граѓаните да ги остварат сите свои со Устав и со закон загарантирани права.
Минатата недела, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, информираше дека бил доставен официјален допис од Босна, дека на нејзината територија повеќе нема да бидат валидни пасошите и личните карти со старото име на државата.