Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ги најави градежните активности за реконструкција и адаптација на Универзалната сала, откако Министерството за култура со Договор ги презеде правата од Град Скопје.
„Ние знаеме што значи развојот на културата, а тој не е можен без овој мултифункционален објект. Оваа сала припаѓа на сите – на уметниците, на културните дејци и, пред сè, на публиката. Затоа наша мисија во следните три години ќе биде овој простор да се уреди како што му прилега на Скопје“, рече министерката за култура.
Таа го најави започнувањето на работите на, како што рече, симболот на Скопје – Универзалната сала, и додаде дека Министерството за култура е подготвено во следните три години непречено да го реализира проектот, за што се обезбедени средства и комплетна документација.
„Мотивирани токму од значењето на Универзалната сала, како и од молкот и инертноста на Град Скопје, Владата и Министерството за култура одлучија да ги преземат надлежностите за конечно да пристапиме кон реконструкција без застој и да го оспособиме објектот повторно да биде функционален“, вели таа.
„Чест ми е, но и голема одговорност, целиот процес на реконструкција да се одвива професионално, стручно и посветено, онака како што ние настојуваме да ја промовираме културата. Тоа го покажавме во изминатите години и ќе продолжиме така и во иднина. Граѓаните не смееме да ги оставиме без својот дом – Универзалната сала“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Одговарајќи на новинарско прашање, министерката за култура рече дека со преземање на обврските, објектот на Универзалната сала треба да биде готов за три години и потоа ќе биде вратен под ингеренции на Град Скопје, како што е и договорено.
„Обезбедени се финансиските средства, пред една недела се распиша и јавната набавка за надзорот за Втората фаза преку меѓународен тендер, што значи и тоа кога ќе заврши, ќе се продолжи со работа. Значи три години е повеќе од доволно за да биде готов објектот и да го вратиме на Град Скопје, за повторно да биде под нивна ингеренција“, рече Костадиновска-Стојчевска.