Градоначалникот на општина Гази Баба Бобан Стефковски присуствуваше на приредба во ООУ Стив Наумов во Автокоманда по повод одбележувањето на 21 Февруари, Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
За настанот, градоначалникот Стефковски информираше со објава на својата официјална страна на фејсбук.
„Денес е денот кога сите ние треба да посветиме особено внимание и грижа кон нашиот мајчин, македонски јазик. Среќен сум и горд што денес имав можност да присуствувам на приредбата во ООУ Стив Наумов по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Јазикот го означува човековиот културен идентитет. Нема нешто поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик.
Јазикот е непресушен извор, кој треба постојано да се негува и пред се да се зачува чистината на убавиот македонски збор.
Јазиците кои се зборуваат во една земја пренесуваат култура, вредности и традиција и затоа играат огромна улога во создавањето одржлив развој и сигурна иднина.
Негувајќи го македонскиот јазик ние ќе го продолжиме делото на големиот број македонски дејци кој години наназад со своето перо оставаа неизбришлив траг за тоа дека на нашите простори се зборува и пишува на наш македонски јазик. Никогаш да не го заборавиме нашиот мајчин, македонски јазик. Се додека постои тој, ќе постоиме и сите ние“, напиша Стефковски.