Арс Ламина: Литературната дејност – личен и општествен двигател

Ars-Lamina-20-678x381
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Една од главните мисии на издавачката куќа„Арс Ламина“ е да овозможат достапност на книгите до сите читатели, бидејќи читањето не треба да биде привилегија – туку право на сите.

Литературната дејност претставува еден од клучните фактори кој придонесува за едукативниот и интелектуалниот раст на личноста, зголемување на креативноста и збогатување на речникот, развојот на когницијата – а, со тоа образовано и успешно општество.


Од народната до уметничката литература до формите проза и поезија, идеите на творење се менувале. Историски се нижат маестрални дела од домашни и странски автори во драмски, епски, лирски и комбинирани видови.

Лидери во издаваштвото

Стремежот кој успешно го реализира „Арс Ламина“ е да овозможи литература, која ќе биде достапна за сите генерации во земјава.

Дарко Фиданоски, ко-основач на издавачката куќа „Арс Ламина“, говори за квалитетот на литературата и високите стандарди на издаваштвото. Од почетоците до денес се зголемува опусот на изданија, а со тоа се развиваат и тематските целини на книгите во различни видови.

– „Компанијата „Арс Ламина“ е основана во 2005 година како репро-студио, а од 2009 година со издавањето на првата книга, приказната ја продолжуваме и како издавачка куќа, со мисија да ги подигнеме стандардите во издаваштвото на повисоко ниво. Денес, „Арс Ламина“ е најголемиот и најважниот издавач на образовна литература: учебници, збирки и други дидактички и едукативни изданија за основните и средните училишта, како и стручната и академската литература. Лидери сме и во објавувањето на современата белетристика и литературата за деца и млади, со најбараните сликовници, книги од најпознатите и најнаградувани светски автори (преведени на македонски јазик), но и дела од најзначајните домашни писатели.

Семејството на „Арс Ламина – публикации“ го сочинуваат неколку импринта: „Арс Ламина“ (стручни изданија), „Арс Либрис“ (белетристика), „Либи“ (детска книжевност), „Попули“ (популарна литература) и „Скрипти“ (дизајнирани нотеси и гифт-програма).

Изданијата на „Арс Ламина“ се достапни преку онлајн-продавницата www.literatura.mk и во книжарниците „Литература.мк“ (на улица „Македонија“, во ТЦ „Рамстор“, ТЦ „Буњаковец“, ГТЦ, „Веро Центар“, на „Широк сокак“, Битола) како и „Literatura.mk Superstore“ во „Скопје сити мол“ и во „Ист гејт мол“. Исто така, нашите изданија ги пласираме преку нашата добро развиената малопродажна мрежа, а се продаваат во уште 200 други продажни места во целата држава“, вели Фиданоски.

Дарко Фиданоски, ко-основач на издавачката куќа „Арс Ламина“

Македонска издавачка куќа со светски карактеристики

Издавањето на светските бестселери претставува успех на секоја издавачка куќа.

Овие изданија предизвикуваат кај читателот реална слика за приказната, будат емоција – солза или радост и потсетуваат на моменти од личниот живот.

Тоа е целта која што Арс Ламина ја постигна и успешно продолжува да работи во областа.

– „ Уште од почетоците нашиот мотив беше да направивме современа компанија, што по терк на најуспешните светските издавачки куќи, ќе ги создава трендовите во издаваштвото кај нас, од начинот на подготовка, уредување и дизајн на книгите, преку издавање, па сè до пласманот на пазарот.

Изминативе години ја постигнавме нашата цел – да ги подигнеме критериумите за објавување учебници; да објавиме осовременети училишни и едукативни изданија и книги за деца и лектири, сè со цел да бидат поинтересни и поприфатливи за новите генерации; ги донесовме светските трендови во белетристиката, објавувајќи ги интернационалните бестселери на македонски јазик и дадовме модерен, светски изглед на книгите од македонските автори.

Една од главните мисии на Арс Ламина е да ги направиме книгите подостапни до сите читатели, бидејќи читањето не треба да биде привилегија, туку право на сите“.

Нови стандарди во литературата

Погодности за лицата на кои им е најпотребна литературата од детска возраст, до зрели години и старост.

Секогаш се земени во предвид лицата со посебни потреби и различни здравствени проблеми.

Освен тоа, изненадувањата се момент во кој уживаат љубителите на пишаниот збор, затоа издавачката куќа подарува книги од своето издаваштво.

Арс Ламина –  ги инспирира граѓаните да читаат.

– „Компанијата расте секојдневно, со секој нов проект, секоја новоиздадена книга и со секоја нова соработка. Расте со секој новостекнат читател… Имаме поставено високи критериуми што треба да содржи и како треба да изгледа еден наш финален производ (издание).

Со години сме лидери во издаваштвото кај нас, поставувајќи нови стандарди и насоки за изработка на учебници, едукативни изданија, стручна литература, белетристика и детска книжевност. Ги следиме светските стручни стандарди и естетика, но и ние поттикнуваме трендови. Исто така,  во постојан контакт сме и со нашите клиенти и читатели, и заеднички го надополнуваме и го надградуваме брендот. Наша заложба е да ги направиме книгите поблиски до сите читатели.

Како општествено одговорна компанија, книгите ги правиме достапни и за најранливите групи, особено за децата во социјален ризик и тие што се соочуваат со тешки заболувања, преку различни донации. Би ги напоменале хуманитарните акции со Здружението за борба против рак „Борка“, Здружението за хумано-општествен развој „Проект среќа“ и Црвен крст – Кисела Вода, како и донациите за СОС Детско село Македонија, Клиниката за детски болести и други„ нагласува ко-основачот на куќата Фиданоски.

Книгите се прилагодени на годините на читателот и можноста за разбирање, во зависност од намената на изданието.

– „Со цел да го олесниме читањето кај децата во фаза на описменување, како и кај лицата со дислексија, во изработка на дел од изданијата за деца користиме фонтови за дислексија. Имено, преку нашиот импринт „Либи“, во посебната едиција „Лесно читливи лектири“, досега имаме објавено 78 лектири и читанки, на македонски и на албански јазик. Редовно, преку различни проекти, донации и соработки, вложуваме во развој на домашната културна сцена, поддржувајќи музичари, уметници, дизајнери и филмаџии. Со гордост можеме да кажеме дека „Арс Ламина“ го поддржа тимот на „Медена земја“, кој лани доби две номинации за „Оскар“. Исто така, горди сме поддржувачи и на популарната детска ТВ-серија „Зоки Поки“.

Со сите овие активности сметаме дека успеваме да ги кренеме стандардите кај нас на повисоко ново и да создадеме препознатлив бренд, кој ќе биде пример за другите. Бренд што може да се мери со реномираните регионални и светски издавачки куќи“.

Слободан Голубовски и Дарко Фиданоски, основачите на „Арс Ламина“

Арс Ламина внимава на уникатноста и карактеристиките, во контекст на препознавање од страна на читателот на нивниот бренд.

– „На пазарот се разликуваме по тоа што внимаваме на квалитетот на секоја книга, притоа се обидуваме да ги донесеме сите актуелни светски наслови, но и да ги поттикнеме и да ги истакнеме домашните авторски таленти.

Особено сме горди со квалитетот и квантитетот во детската литература, со што поттикнавме да се појават нови домашни автори и илустратори. Меѓу другите, би ги издвоиле: наградуваната сликовница „Девојче и мече“ од Ване Костуранов, која стана првата македонска книга што се најде на престижната книжевна листа „Вајт рејвенс“ (The White Ravens) и е преведена на четири јазици, „Џиновска продавница на фантазии“ од Бистра Георгиева – која веќе е достапна на три континенти, „Тито и Дино“ – која е првата македонска сликовница со кирилски фонт за дислексија… „Арс Ламина“, во соработка со Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво Сине!“, веќе неколку години го организира конкурсот за најдобри илустрации на детски книги, од кои произлегоа наградуваните „Бајки од Македонија“ и „Басни од Македонија“, кои веќе се бренд во македонската литература за деца, а се преведени на повеќе јазици.

А, изминативе три години, во соработка со Фондацијата „Славко Јаневски“, го распишуваме наградниот конкурс за најдобар необјавен роман на годината „Пегаз“, за кој има голем интерес и преку кој беа откриени нови авторски имиња“, потенцира Дарко Фиданоски.

Максимална совршеност и усогласеност на професионалците, секој во својата област

Издаваштвото е сериозна и одговорна област, која бара многу труд, професионалност, прецизност, посветеност, континуитет и постојано надградување и учење.

Следењето на светските трендови е дел од работата и ја прави куќата прогресивна, што е голем бенефит за читателите.

– „Такви се нашите вработени: трудољубиви професионалци, високоспецијализирани, со долгогодишно искуство во своите области. Тие постојано, преку работата и дополнителната едукација, се надградуваат, а со тоа се надградува и расте брендот. Тие се на врвот од својата професија, од сите сегменти на издаваштвото: уредување, дизајн, печатење, продажба и маркетинг, како и голема мрежа на надворешни соработници“.

Вработените одлично ги познаваат барањата и потребите на нашиот книжевен пазар. Тие се добро информирани за трендовите и новостите на светската издавачка сцена.

-„Го препознаваме и го наградуваме трудот на нашите вработени, а за тоа говори и наградата „Трудбеник на годината“, со која традиционално, на крајот од годината, ги наградуваме тие што се истакнале и постигнале особени резултати изминатите 12 месеци“, Фиданоски зборува за мотивирање на вработените, кое треба да биде приоритет за сите компании.

Поволности во сите периоди од годината

Активностите на литературната дејност не стагнираат во периодот на пандемијата. На творештвото не влијаат околностите, бидејќи мотивот за пишување е постојано присутен кај личностите кои сакаат да творат – а, уште е поголем кај оние што сакаат да читаат.

Поволностите пак од страна на издавачката куќа, обезбедуваат секој поединец да има можност да одбере книга според сопствениот вкус и потреба.

– „Пред пандемијата, со години бележевме континуиран подем и развој, со објавени повеќе од 350 книги годишно, односно по една книга за секој ден од годината. Организиравме и повеќе од 40 промотивни настани годишно, учествуваме на голем број културни настани, како и на најголемите саеми на книгата кај нас, во Франкфурт“.

Книгите се најдобрата придружба, во добри и во лоши времиња. Класичен пример од секојдневието е годинава која што измина, со актуелната ситуација.

– „Ова се покажа како точно и во практиката изминатава година, која донесе неизвесност и многу предизвици за сите. Нашата компанија брзо се приспособи на новонастанатата ситуација и одговори на барањата и потребите на своите читатели. Брзо се адаптиравме и продолживме со планираното темпо на објавување нови изданија.

Во периоди кога заради ковид-мерките не работеа книжарниците, без застој функционираше онлајн-продажбата, па така, само со еден клик, безбедно и сигурно пристигнуваа книгите до домовите на нашите читатели. Исто така, промоциите на новите книги се префрлија онлајн, со промотивни разговори и кампањи што ги пренесуваме преку нашите профили на социјалните мрежи“.

За познавачите на литературата со нивната професионална работа, едноставна е адаптацијата за подготовка на онлајн содржини, смета тој.

-„Нашите тимови од секторот за образование и едукативни изданија брзо се преориентираа и заедно со нашите соработници, успеаа секој ден да подготват нови образовни содржини, што ги пласиравме онлајн, преку нашите интернет-станици Образование (https://obrazovanie.literatura.mk/) и Ресурси (http://resursi.literatura.mk/), како и преку нашите профили на социјалните мрежи. Сè со цел да го исполниме секојдневието на своите клиенти со колку што е можно повеќе едукативни и забавни содржини, беа креирани материјали за помош и поддршка на учениците кои следеа настава од дома, но и на родителите и на наставниците. Секојдневно беше изготвувана содржини и идеи за учење, наставни листови за вежбање и забавни активности првенствено за основното образование, за предметите математика, природни науки, хемија, биологија, физика, работа со компјутери и друго. Преку blog.literatura.mk, пак, на своите читатели им овозможивме бесплатни онлајн-содржини, интервјуа, препораки за читање, извадоци од книги и цели изданија“, информира Фиданоски.

Навиката за читање и љубовта кон книгите се стекнуваат од најмала возраст. Децата се запознаваат со светот на книгите, прво преку слушање на приказните што им ги читаат возрасните.

– „Со цел да ги поттикнеме читањето и љубовта кон пишаниот збор кај најмладите, ја почнавме и акцијата „Нашите вработени ви читаат“, во која на нашиот канал на „Јутјуб“ објавуваме видеа во кои вработените на „Арс Ламина“ ги читаат омилените детски книги.

Постојано организираме акции со попусти и поволности, со кои ги правиме книгите подостапни. Динамиката со која објавуваме нови изданија, остваруваме нови или тековни проекти и со кои ги промовираме книгите не се намали, разликата е во тоа што сега се во друга форма и на друга платформа, која функционира и е безбедна“.

Поединечни желби на читателите

Секоја книга поседува своја приказна и поука, која се помни низ целиот живот и често се прераскажува преку своите импресии.

Во издавачката програма има одлични наслови и содржини од сите жанрови, за сечија желба и временски период.

– „Изминатите неколку години многу се барани трилерите, книгите за самопомош, биографиите од светските лидери и познати личности, како и современи наслови од детската литература. Секојдневно ја збогатуваме понудата со интернационални бестселери, од кои би ги издвоиле: еден од најпродаваните мемоари на сите времиња „Becoming: Мојата приказна“ од Мишел Обама, хит-книгите „Е, баш ме заболе“ и „Сè е за*бано“ од Марк Менсон, „Дамски гамбит“, по кој е снимена популарната серија на „Нетфликс“, култниот серијал за Хари Потер, романите од омилениот детски автор Роалд Дал, „Приказни за добра ноќ за бунтовни девојчиња“ 1 и 2, автобиографијата на Камала Харис, делата со анализи на Славој Жижек и Ноам Чомски, спортските биографии од Лука Кајоли и новите претседателски мемоари на Барак Обама… Нашиот уредувачки тим исто така се залага да ги реактуализира класичните дела од домашната и од светската литература и да ги доближи до новите генерации читатели. Имено, под импринтот „Арс Либрис“, во едицијата „Македонски книжевни класици“ го почнавме амбициозниот проект за реобјавување на најзначајните дела од доајените на македонската литература. Веќе се објавени девет книги од творештвото на Петре М. Андреевски, стихозбирката „Скопјани“ од Гане Тодоровски, „Пасквелија и Нова Пасквелија“ и „Големата вода“ од Живко Чинго, „Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев и „Зора зад аголот“ и „Кратката пролет на Моно Самоников“ од Димитар Солев. Класиците добија нов изглед, а своевидна ексклузивност е што дел од кориците ги изработија внуците на познатите македонски писатели“.

Кога станува збор за читањето, некои книги се безвременски и постојан избор низ годините. Литературата се надоградува и станува побројна, но ремек делата остануваат.

-„Издавачкиот опус на „Арс Ламина“ постојано се збогатува и со светски современи класици, меѓу кои се најпознатите дела од Агата Кристи, Ернест Хемингвеј, Милан Кундера, Габриел Гарсија Маркес и Орхан Памук, како и најбараните детски класици.

Многу се читаат и книгите од домашни авторски имиња, како Јана Мишо, Ване Костуранов, Моџо Килингтон, Владимир Плавевски, Оливера Ќорвезироска, Велко Неделковски, Мартин Јованоски и многу други“.

Читањето е иднината

Достапноста на литературата, го трасира патот кон правилна социјализација и одговорни личности кои се грижат за себе, својата околина и државата во која живеат.

Читањето подразбира моќ, во образовна и животна смисла.

– „Покрај тоа што сме лидери на пазарот, со квалитет и квантитет на објавените изданија, ние го промовираме и читањето со конкретни кампањи. Изминативе неколку години ја водиме акцијата „Читањето е супермоќ“, со која ги поттикнуваме читачките навики кај најмладите. Сметаме дека едукацијата и пласманот на квалитетна и соодветна литература, пред сè кај децата, е многу важно, затоа што дете кое чита еден ден ќе биде возрасен кој размислува. Секое дете треба да има лесен пристап до соодветни едукативни изданија и квалитетна литература. Во таа насока, нашата цел е уште повеќе да ја збогатиме понудата со авторски книги за деца, едукативни изданија и интерактивни книги за претшколска и школска возраст.

Исто така, и понатаму ќе продолжиме да објавуваме книги од домашни писатели и да поттикнуваме нови авторски имиња, сè со цел збогатување на сцената со нови, свежи изданија. Секако, би сакале да продолжиме со темпото за објавување на повеќе од 350 книги годишно. Тоа ќе нè одржи во добра работна кондиција, но и во постојана конекција со читателите и авторите“, заклучува Дарко Фиданоски.

Рената Блажевска

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK