Интервју со Татјана Tанева Новаковска, менаџер на Жито Пром – Гевгелија

Portrait-Tatjana-04_zito_prom_001-e1653459072936-678x381
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Татјана Танева Новаковска: Важно е да се носат решителни и информирани одлуки кои ќе ги ублажат краткорочните нарушувања

Инвестираме во производствено автоматизирање и диверсификација на портфолиото, што иако краткорочно го оптоваруваат работењето, долгорочно овозможуваат раст и развој на организацијата – вели Танева Новаковска, менаџер на Жито Пром – Гевгелија, претставник на втората генерација во оваа семејна компанија.

Жито Пром – Гевгелија е компанија која ја негува традицијата, но внесува и новитети, следејќи ги и светските трендови. Новиот производствен капацитет за колачи поставен во соработка со ФИТР е дел од долгорочната стратегија за раст и развој. Во минатата година, компанијата која постои 25 години, промовираше нова линија функционални колачи од брендот 4U, препознаени како македонски иновативен производ.

Функционалната линија на колачите 4U беше претставена минатата година, а поддржана од ФИТР. Како течеше процесот на производство, со оглед на пандемиската реалност?


  • Развивањето на функционалната линија на колачите 4U беше долг процес во кој беше вклучен нашиот главен технолог и менаџер за квалитет, заедно со проф. Јана Клопчевска од Технолошко-металуршкиот факултет, како и неколку наши клучни партнери-добавувачи на суровини и материјали. Нашите заложби да иновираме нови вкусови беа препознаени и од Фондот за иновации и технолошки развој. Задоволни сме што добивме седум оригинални вкуса на колачите кои полека се пробиваат на пазарот и пошироко и стануваат препознатливи за модерниот човек свесен за важноста на здравата храна. Тие се наменети за сите што имаат динамичен распоред, физички и спортски активности и внимаваат на внесот на здрави состојки во организмот.

Каков е предизвикот да се лансира нов производ и да се одржи продажбата во време на пандемија и економска неизвесност?

  • Поради пандемијата глобалниот пазар на храна се соочува со големи предизвици веќе извесен период. Кризата сега е дополнително продлабочена со случувањата во Украина. Европската економија се’ повеќе се приближува до состојба на стагфлација каде инфлацијата продолжува да расте, а економскиот развој е застанат. Сите сме дел од еден голем синџир во кој секој зависи од секого. Во ваков непредвидлив период се фокусираме на задоволството на клиентите со цел да одржиме доверба во нашите производи, а максимално сме посветени и на градење на релации со нови партнери, преку посетата на светските саеми. Паралелно на тоа, инвестираме во производствено автоматизирање и диверсификација на портфолиото, што иако краткорочно го оптоваруваат работењето, долгорочно овозможуваат раст , а воедно и намалување на производните трошоци коишто се рефлектираат и во финалната цена на продуктите. Важно е да се носат решителни, храбри и информирани одлуки кои ќе ги ублажат краткорочните нарушувања, без притоа да се изгубат од вид долгорочните цели.

На почетокот од годината Жито Пром го претстави брендот 4U на најголемиот саем за храна, Гулфуд во Дубаи? Со какви впечатоци се вративте од таму, какво искуство?

  • Самото пријавување за Гулфуд е вистински проект што трае со месеци и нашиот тим напорно работеше на апликацијата, така што и добивањето штанд, простор и термини за претставување го доживеавме како мал успех. Одењето таму пак е нешто посебно за секој што е дел од индустријата за храна и пијалоци. Огромен настан, огромно место, најзначајните шефови, брендови и најстручните лица од прехранбената индустрија на едно место. Задоволни сме како се претставивме, колку луѓе го посетија нашиот штанд и се интересираа за нашето производство. Се остварија нови контакти за потенцијални соработки со речиси сите земји од Азискиот континент. Саемот го искористивме и за продлабочување на соработките со нашите постоечки партнери од Либан, Либија, Јордан и Холандија. Интерес предизвикаа кроасаните 4U, кои се потврдени со меѓународниот сертификат IFS (International Featured Standard), што ги охрабрува новите партнери да ги вклучат нашите производи во нивното портфолио. Имавме позитивни реакции и на новата линија на здрави и функционални колачи кои се одговор на потребите на современиот човек, на модерното секојдневие и темпо.

Како го разбирате балансот меѓу традицијата што Жито Пром – Гевгелија ја има како и следењето на светските трендови во производството на храна и секако потребите на потрошувачите?

  • Жито Пром и во Дубаи беше препознаена како семејна компанија која ја негува традицијата, но внесува и новитети, следејќи ги и светските трендови. Новиот производствен капацитет за колачи поставен во соработка со ФИТР е дел од долгорочната стратегија за раст и развој. Позитивното е што овие машини овозможуваат поголема флексибилност за развој на различни производи од категоријата на бисквити и колачи. Дополнително, овој капацитет го надополнивме и со машина за чоколадирање, која ќе овозможи развој на уште цела една палета нови производи. Производството на полнежите за кроасаните кое го отпочнавме минатата година ни овозможи поголема контрола на квалитетот и трошоците, а периодов го унапредуваме и процесот за производство на кроасани преку зголемување на капацитетот за 40% со инсталација на автоматска линија за полнење и пакување на кроасани.

Жито Пром и брендот 4U во многу наврати покажуваат и висока општествена одговорност. Како се негува таа корпоративна свесност, посебно во време на сеопшта криза за која говорите?

  • Да, токму за време на пандемијата направивме повеќе донации, како за граѓаните во социјален ризик, така и за здравствениот сектор. Заедно со уште неколку компании дониравме опрема и уреди и на Центарот за јавно здравје во Гевгелија. И лично и како компанија, сметаме дека секој е важен и секој може да придонесе во својот домен на делување. Некогаш и малку е многу. Од друга страна, со радост прифаќаме поддршка на настани од културата, образованието и спортот, посебно оние наменети за најмадите, затоа што и свесноста за добрината се гради од најмали нозе. Периодов го поддржавме Триатлонот во Скопје, Фамилијарниот добротворен базар во Меѓународното училиште НОВА, често сме дел од помали промоции каде што се слават креативноста, уметноста, но и спортскиот дух. Бевме поддржувачи на големиот Самит „Македонија2025“ на истоимената организација и тоа беше одлично искуство за нас. Интересот за нашите колачиња беше голем, а контактите таму скапоцени. Исто така, задоволни сме што развојот на нашиот бренд 4U е интересен и од аспект на визуелен идентитет и visual storytelling, кој го работи тимот на Маркетинг агенцијата Ефектива. Нам, во целата приказна, паралелно со важноста на пробивањето на бренд на пазарот, битна ни е и креативноста, па затоа работиме со уметници и графички дизајнери кои развиваат оригинални решенија, кои веќе станаа наш препознатлив знак. Наскоро, заедно со нив планираме да направиме работилници со ученици и студенти – идните графички дизјанери, како одредена размена на искуства и свежи идеи во врска со визелниот идентитет на еден бренд. Задоволни сме што токму 4U е препознаен како бренд што се грижи за секој чекор од својот развој.
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK