Јулија Навални, вдовицата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални објави видео во кое наведува дека нејзиниот сопруг е отруен со „Новичок“ и затоа руските власти го кријат неговото тело.
Видеото е објавено на социјалните мрежи на Алексеј Навални.
View this post on Instagram
Ова беше првпат Јулија Навални да зборува од петокот, денот кога беше објавена смртта на нејзиниот сопруг, а таа учествуваше на безбедносна конференција во Минхен.
Таа ги обвини руските власти дека го кријат телото на Навални, велејќи дека се уште чекаат трагите од нервниот агенс Новичок да исчезнат од неговото тело.
„Мојот сопруг беше убиен од Владимир Путин. Некаде во затвор надвор од Арктичкиот круг, Путин не само што го уби Алексеј Навални како личност, тој сакаше да ја убие нашата надеж, нашата слобода, нашата иднина. Точно знаеме зошто Путин го уби Алексеј пред три дена. Наскоро ќе ви кажеме. Но, најважното нешто што можеме да го направиме за Алексеј и за себе е да продолжиме да се бориме“, вели Јулија во видеото и вети дека ќе ја продолжи мисијата што ја започна Алексеј.
Таа, исто така, вети дека ќе ги именува оние кои се вмешани во неговата смрт и зошто е убиен.
Овие коментари доаѓаат откако портпаролката на Навални изјави дека на неговата мајка и адвокатот им било забрането да го видат неговото тело утрово во мртовечницата.
„Сакам да живеам во слободна Русија, сакам да изградам слободна Русија. Со убиството на Алексеј, Путин уби половина од мене – половина од моето срце и половина од мојата душа. Но, се уште ја имам другата половина која ми кажува дека немам право да се откажам“, изјави Навални.