Стотици чешки земјоделци со своите трактори пристигнаа во Прага, каде што протестираат против земјоделската политика на Европската унија и чешките власти.
Во главниот град на Чешка пристигнаа повеќе од 500 трактори, а пристигнуваат и повеќе возила, пренесува чешкиот портал Новинки. Насобраните земјоделци свиреа додека министерот за земјоделство Марек Виборни влезе во зградата на ресорното министерство.
Протестот го организираат Синдикатот на земјоделските работници и Здружението на слободни синдикати, а портпаролот на земјоделците Данијел Штерзик рече дека демонстрантите бараат „владата да се изјасни дали сака да преземе чекори за спас на чешкото земјоделство“.
Земјоделците во земјите на ЕУ во последните месеци протестираат поради земјоделската политика на Унијата, ниските цени на нивните производи и укинувањето на субвенциите за гориво наменето за земјоделството.