Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, одржа работен состанок со директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Јасмина Лескаровска, а на кој присуствуваа и Ана Ѓорѓиевска, член на Советот на Агенцијата, Аркан Керим, претседател на Советот на Агенцијата и Роберт Блажевски од ХОТАМ.
На состанокот стана збор за трендовите на развој на туризмот во земјава, за што беше истакнато дека зборуваат и последните податоци од Државниот завод за статистика, според кои минатата 2023 година имаме раст на бројот на туристи за 20,6% во однос на 2022 година. Заеднички беше оценето дека овој тренд позитивно се одразува на целокупната економија, но и дека постојат се уште неискористени потенцијали за негов дополнителен развој.
„Северна Македонија во делот на туризмот има многу што да понуди, од природни убавини до културни различности, се тоа претставува цврста основа за негов понатамошен позитивен развој. Приходите кои се остваруваат преку оваа дејност не само што директно им користат на бизнисите во туристичкиот сектор, туку го стимулира и растот на други индустрии, како што е земјоделието, малопродажбата и градежништвото“, рече на средбата вицепремиерот Битиќи.