Мраз има се помалку, на поларните мечки им се заканува смрт од глад, покажува истражување во САД

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Поларните мечки во канадскиот залив Хадсон се изложени на ризик од глад, бидејќи климатските промени ги продолжуваат периодите без мраз во Арктичкото Море, и покрај напорите на животните да ги прошират своите навики во исхраната. Поларните мечки го користат мразот што се протега низ поларната ледена покривка на Арктикот за време на постудените месеци за да го фатат својот главен плен.



За време на потоплите месеци, кога морскиот мраз се повлекува, од нив се очекува да заштедат енергија, па дури и да одат во состојба слична на хибернација.

Сепак, поради климатските промени предизвикани од човековата активност, периодот без мраз се продолжува во делови од Арктикот, а само областа околу Северниот пол се загрева два до четири пати побрзо од остатокот од светот. Сето ова ги принудува поларните мечки да поминуваат сè повеќе време на копно.

Следењето на 20 поларни мечки во заливот Хадсон покажува дека иако тие остануваат се подолго без ледената површина на океанот и потешко доаѓаат до вообичаениот плен, тие не се откажуваат туку упорно се обидуваат да најдат храна.

„Поларните мечки се креативни, снаодливи и ако се мотивирани ќе ја бараат околината за да преживеат и ќе најдат извори на храна за да ги компензираат потребите за енергија“, рече Ентони Панго, главен автор на студијата и биолог од Геолошкиот институт на САД.

Во своето истражување, научниците користеле видео камери на јаки ГПС и ги следеле поларните мечки по три недели во текот на три години во западниот дел на заливот Хадсон, каде што периодот без мраз се продолжил за три недели од 1979 до 2015 година. Тоа значи дека во текот на последната деценија, поларните мечки поминале приближно 130 дена на копно.

Две мечки од набљудуваната група останаа да мируваат и ја намалија потрошувачката на енергија до ниво на хибернација, но другите 18 останаа активни. Некои од мечките во потрага по храна јаделе и трева, шумски плодови, галеби, глодари, па дури и трупови од фоки. Три поларни мечки долго пливале, а една поминала растојание од 175 километри.

На крајот, сепак, научниците открија дека нивните напори да се хранат и да се одржат на копно не им дозволиле да добијат доволно калории. Колку подолго остануваат на копно, толку е поголем ризикот од гладување, предупредуваат научниците.

Во дивината останаа околу 25.000 поларни мечки и тие се загрозени пред се поради климатските промени, кои ги спречуваат да се хранат со својот вообичаен плен.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK