Научници пронајдоа ѕид од камено доба долг речиси километар, на околу 10 километри од германското крајбрежје на дното на Балтичкото Море, пишува Гардијан. Тие случајно го забележале ѕидот во Мекленбуршкиот залив, благодарение на сонар.
Ѕидот, кој го нарекоа Blinkerwall, се состои од околу 1.400 помали парчиња камен поврзани со речиси 300 камења, од кои многу се премногу тешки за група луѓе да ги придвижи. Научниците веруваат дека ова е најстарата „мегаструктура“ пронајдена досега во Европа.
Ѕидот сега е 21 метар под вода, но научниците веруваат дека областа некогаш била на копно во близина на езеро или мочуриште и била изградена од ловци-собирачи пред околу 10.000 години.
Истражувачите не можат да ја докажат целта на ѕидот, но веруваат дека тоа послужило да ги збуни животните, особено елените, кои би го следеле ѕидот и не би го прескокнале. Ако ѕидот водел до езерото, тогаш ловците на тој начин создавале „ќорсокак“ каде што можеле да го насочат својот плен. Научниците веруваат дека вториот ѕид е закопан под седиментот.
Џејкоб Гирсен од Институтот за истражување на Балтичкото Море во Лајбниц е дел од тимот на научници кои го открија ѕидот. Тој планира да се врати на археолошкиот локалитет за да реконструира како изгледало местото во каменото доба. Тој се надева дека ќе најде животински коски и некои древни артефакти, како што се проектили кои се користат во ловот, кои може да бидат закопани околу ѕидот.