Либерално демократската младина изразува загриженост поради честата појава на врсничко насилство во училиштата и упатува апел до просветните работници за поголема ангажираност околу превенцијата, детектирањето и решавањето на таквите појави.
„Повторно сме сведоци на случаи на врсничко насилство во училиштата. Пред неколку денови беше регистриран таков случај во Скопје, пред една недела во Кавадарци, што остро го осудуваме и бараме скорешна разрешница за истите. За жал оваа појава не се искоренува и токму поради тоа бараме поголема ангажираност од страна на надлежните органи за решавање на случајот, а со тоа и демонстрирање на сериозноста на ваквите негативни појави кои предизвикуваат сериозни ментални и физички последици врз учениците“, нагласија од ЛиДеМ.
Од либералната младина потсетија на важноста на нивната кампања „Свирни против булинг“ која има за цел да ги прикаже последиците кои ги предизвикува булингот, но исто така и да ги поттикне младите да пријавуваат со цел да се заштитат од повторни случаи.
„Бараме педагозите и психолозите да се активираат и да си ја вршат својата задача во училиштата, да организираат предавања и да бидат на првата линија за заштита од можни акти на насилство и бараме професорите постојано да ја следат состојбата меѓу учениците со цел рана детекција на врсничкото насилство“, потенцираа од ЛиДеМ.
Тие порачаа дека училиштата треба да бидат место каде сите учениците ќе бидат безбедни и ќе се чувствуваат сигурно.
Од ЛиДеМ потсетија дека константно се залагаат за спроведување на програма за пријавување на врсничко насилство, како и за вметнување на наставна програма за ментално здравје.
„Училиштето треба да биде втор дом на сите учениците, место каде што ќе се чувствуваат безбедно и слободно, без да стравуваат дека некои од соучениците ќе ги снимаат, задеваат или врз нив ќе вршат кој било друг облик на малтретирање и насилство. Свирни против булингот во училиштата, бидејќи секој е важен!“, порачаа од ЛиДеМ.