Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека нападот што го изврши Хамас во Израел на 7 октомври е „најголемиот антисемитски масакр на нашиот век“
По повод државната церемонија во чест на загинатите Французи во тој напад, Макрон рече дека секој ден се бори за ослободување на тројца Французи за кои се верува дека се уште се заложници на палестинското исламистичко движење.
Тој додаде дека не смее да се попушти пред антисемитизмот.
„Ништо не може да го оправда ниту да даде оправдување за тој тероризам“, рече францускиот претседател во дворот на Палатата на инвалидите во Париз, каде што се изложени фотографии од жртвите.
Во нападот на Хамас, кој доведе до израелската воена операција во Појасот Газа, загинаа 42 француски државјани.
Елисејската палата планира и церемонија за комеморација на француските жртви од израелските бомбардирања во Газа, но датумот и форматот на таа комеморација се уште не се утврдени.