Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, денеска го коментираше изборот на Иван Турудиќ за главен државен обвинител.
„Немам порака за Обвинителството, многу е незгодно со пораките. Често на пролет реките на правдата доаѓаат и се излеваат. Сега на сите им е јасно за што зборуваме. Целата партија ХДЗ едногласно го избра овој пробисвет. Ова е првпат по другарот Тито партијата да избира главен државен обвинител“, рече тој.
Милановиќ пред неколку дена на вонредна прес-конференција изјави дека Турудиќ не треба да биде на таа позиција бидејќи постојат сериозни безбедносни пречки. Турудиќ доаѓа на предлог на премиерот Андреј Пленковиќ, а изминативе денови се најде во центарот на голем скандал поради пораките што ги разменувал со поранешната градоначалничка на Книн, Јосипа Римац, на која и се суди за корупција. Пратениците, и покрај тоа, го избраа Турудиќ со 78 гласови за, 60 против и двајца воздржани.