Турската компанија „Бајкар“ почна со изградба на фабрика во близина на Киев во која ќе бидат вработени околу 500 луѓе и ќе произведува сопствени модели на дронови, изјави денеска извршниот директор на компанијата Халук Бајрактар.
Тој за Ројтерс на маргините на Светскиот одбранбен саем во Ријад потврди дека е започната изградбата на фабриката, која треба да биде завршена за околу 12 месеци.
– Потоа преминуваме на поставување внатрешни машини, опрема и организациона структура – рече тој.
Бајрактар истакна дека производствениот капацитет ќе биде околу 120 единици секоја година, но додаде дека сè уште не е јасно дали производството во украинската фабрика ќе биде фокусирано на моделот на беспилотни летала TБ2 или TБ3.
Беспилотните летала Бајрактар од турско производство станаа популарни во светот откако украинската армија почна да ги користи во војната против руските сили за уништување оклопни возила и артилериски системи.
„Бајкар“ претходно објави дека склучил договори за извоз на својот дрон ТБ2 со 30 земји, меѓу кои Украина, Етиопија, Либија и Азербејџан.