Шведското јавно обвинителство денеска соопшти дека ќе се откаже од дополнителните истраги за експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2.
„Заклучокот од истрагата е дека Шведска нема јурисдикција и затоа истрагата треба да се затвори“, се вели во соопштението на шведското обвинителство, пренесува Ројтерс.
Неколку германски медиуми, меѓу кои и весниците Цајт и Зидојче Цајтинг, вчера објавија дека шведското Јавно обвинителство најверојатно ќе ја затвори истрагата за саботажата на гасоводите Северен тек 1 и 2 во Балтичкото Море.
Шведскиот јавен обвинител Матс Љунгквист очигледно сака да ја прекине постапката, а евидентно е дека шведските власти не успеале да идентификуваат ниту еден конкретен осомничен во нивната земја, објави германскиот економски портал „Виршафтсвохе“.
Истрагата на Германија за експлозиите на гасоводите Северен тек 1 и 2 ќе продолжи и покрај шведското повлекување, објави Ројтерс.
Во септември 2022 година беа регистрирани неколку експлозии во близина на островот Борнхолм во Балтичкото Море, а малку подоцна беше откриена штета на гасоводите „Северен тек“ кои пренесуваат руски гас до Германија.
Потоа беа започнати истраги во Шведска, Германија и Данска.
Во ноември 2022 година, Љунгквист го потврди сомнежот дека се работи за саботажа откако беа пронајдени остатоци од експлозив.
Во заедничко писмо до Советот за безбедност на ОН во летото 2023 година, амбасадите на Германија, Данска и Шведска напишаа дека истражителите откриле траги од експлозив на сомнителна едрилица.
Се наведува дека едрилицата била користена за транспорт на експлозиви користени во саботажа.