Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски заедно со директорот на ДИЗ, Јане Станкоски и државниот советник за рурален развој, Трајан Димковски, денеска во Прилеп одржа редовен работен состанок со откупувачите на тутун. На состанокот со откупувачите се разговараше за тековниот откуп на тутун, просечната откупна цена, како и за мерки што би значеле доголорочен развој и одржливост на тутунопроизводството.
„Како и секоја година така и оваа, навремено уште пред почеток на бербата и откупот, ги започнавме разговорите меѓу откупувачите и тутунарите, за да дојдеме до цена прифатлива за двете страни, цена која е фер и ја почитува маката на тутунарите. Нашата упорност, но и обединетоста на тутунарите, придонесе овие денови да гледаме уште едно зголемување на откупната цена за 35 денари, доаѓајќи до просечна цена од 365 денари по килограм. Овде во Прилеп договоривме дека и другите откупувачи ќе ја следат зголемената цена, и најдоцна до утре сите ќе направат анекси на договорите, за целокупната количина предаден тутун“, истакна по средбата со откупувачите на тутун, Николовски.
Тој додаде дека покрај цената, заедно со откупувачите на средбата се разговарало и за мерките и политиките што треба да допринесат во сигурен развој и одржливост на тутунопроизводството.
„Во таа насока, за оваа година, креиравме нови мерки за поддршка на тутунарите, основна субвенција по пријавена површина тутун, од 6.000 денари по пријавен хектар. Тутунарите преку оваа нова мерка, за прв пат, стекнуваат право и за мерката зелена нафта, во износ од 12.000 денари по хектар. Оваа реклота за 20 денари ја зголемуваме субвенцијата по класи за предаден тутун. Секој еден тутунар покрај овие 365 денари откупна цена на тутунот, би добил и 100 денари по килогам, субвенција за предаден тутун од прва класа. Вкупна поддршка за прва каласа тутун од 465 денари добива секој тутунар“, изјави Николовски.
Според него, веќе на 19 и 20 февруари е закажан нов состанок на кој работна група од министерството, заедно со претставници на откупувачите и тутунарите ќе ги разгледува предлозите за измени во законот за тутун.
Според надлежните од министерството, тутунарите се задоволни.
„Имаме фер цена, зголемена по втор пат оваа сезона. Претходното зголемување на цената беше уште во декември 2023 година, за 10% по одлуката која ја донесе Тутунскиот Комбинат Прилеп, а другите откупувачи и тогаш го следеа овој пример и ги зголемија цените“, вели Николовски.