Регионалниот ЦУК Куманово извести дека пожарникарите од Територијалната противпожарна единица од ТППЕ Ранковце пронашле настрадано повозрасно лице при гаснењето на пожар на отворено сношти при интервенција од 20.30 до 00.10 часот во атарот на с. Псача. Опожарена била сува трева со површина од околу 0,4 хектари.
На местото на настанот увид вршеле екипата на СВР и медицинската екипа.
„Настраданото повозрасно лице го изгубило животот, најверојатно, заради гушење од чад. Подетални информации ќе има откако ќе се заокружи истрагата“, велат од ЦУК.
Според извештаите на Регионалните центри за управување со кризи, ЦУК информира дека пожари на шуми и на вегетација на отворено, се уште има во државата, така што и во последното деноноќие имало над десетина регистрирани, по пријава, за запалена трева, нискостеблеста шума и друга вегетација, а пожарникарите гаснеле и отпадоци, ѓубришта и запалени контејнери на отворено на територијата на државата.
Од десетината „зимски“ пожари на отворено во последното деноноќие се уште три се водат како активни: над с. Лешница (Општина Желино), пожарот на планината Жеден и шумски пожар во атарот на с. Јамиште (Општина Пробиштип). Состојбата се следи од надлежните ангажирани тимови.
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 1.986 повици на Единствениот број за итни случаи 112, од коишто „реални“ повици биле 41,15%, а 58,85% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни. Кон Полиција биле упатени 60,49%, кон Итната медицинска помош 28,70%, кон пожарникарите 7,72%, а кон АМСМ 0,93% од реалните повици кон 112 во ЦУК. Збирот повици што биле за комбинирано решавање од „реалните“ повици во ЦУК, 2,16% со другите 58,85% што се именувани како „неитни повици“, биле вкупно 1.416 на број и биле предмет на примање, селективна обработка во ЦУК, а и на директно координирање за нивно решавање со други институции од Системот за управување со кризи, согласно природата на пријавените итни случаи.
Центарот за управување со кризи апелира да не се пали вегетација на отворено, а појавата на пожар што побрзо да се пријавува на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, како и другите итни случаи особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, потребно и корисно е да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.