Народна банка: Преку проект на Светската банка ќе се модернизираат и ќе се поврзуваат платните системи на Западен Балкан

Народна-банка-Преку-проект-на-Светската-банка-ќе-се-модернизираат.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Преку проектот на Светската банка за „Модернизација на плаќањата на Западниот Балкан“, во кој учествува Народната банка, како и останатите централни банки од регионот, со натамошна дигитализација и поврзување на земјите од регионот во областа на плаќањата, ќе се работи на олеснување на прекуграничното тргување, зголемување на конкурентноста и намалување на трошоците за меѓународните плаќања, коишто во моментов се повисоки и до шестпати во однос на земјите од ЕУ, известува Народната банка.


Проектот којшто Светската банка го спроведува во соработка со Регионалниот совет за соработка, Договорот за слободна трговија во Централна Европа (ЦЕФТА) и со поддршка на Европската комисија, се состои од повеќе столбови. Еден од нив се однесува на усвојувањето на регулативата на ЕУ во областа на плаќањата, што ќе им помогне на земјите од Западен Балкан за побрзо интегрирање во Единствената европска платежна област (СЕПА), во согласност со новиот План за раст на Западен Балкан на ЕУ. Понатаму, проектот го засега и унапредувањето на инфраструктурата за плаќањата, односно воспоставувањето брзи плаќања и постигнувањето интероперабилност. Брзите плаќања овозможуваат инстант пренос на парични средства 24 часа дневно, секој ден во годината. Одделни активности во рамките на овој столб се однесуваат на воведувањето иновативни финтек-решенија за извршување плаќања, како и на поврзувањето со системот за порамнување на инстант плаќањата (ТИПС) на Евросистемот, соопшти НБ.

Дигитализацијата на плаќањата носи придобивки за граѓаните, фирмите и економијата. Со дигиталните плаќања може да се намалат трошоците и да се подобри пристапот до финансии за околу 1,9 милиони луѓе на Западен Балкан, кои сега не располагаат со платежна сметка, да се намали родовата нееднаквост, како и разликите меѓу урбаните и руралните средини. За фирмите, дигиталните плаќања можат да обезбедат пристап до податочни складови (англ. big data), но и подобрување на ликвидноста. За економијата, придобивките се состојат од полесен, побрз и поевтин начин на плаќања, коишто ќе ги поддржат трговските и финансиските текови, но и поголема транспарентност, што придонесува кон намалување на корупцијата и сивата економија, којашто според истражувањата се намалува за 2%, со раст на дигиталните плаќања за 10%.

„Овој проект ја зајакнува регионалната соработка и поттикнува побрза интеграција на земјите од Западен Балкан во СЕПА, што би довело до повеќе придобивки за компаниите и за граѓаните, поточно поевтини, побрзи и поудобни прекугранични плаќања“, посочува директорот на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Игор Величковски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK