Европската унија изрази загриженост за последиците што може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби одлуката на Централната банка на Косово (ЦБК) за укинување на динарот во платните трансакции, која стапува во сила денеска. Во Косово утринава стапи на сила регулативата на ЦБК која предвидува плаќање во готовина и платежни трансакции исклучиво во евра, што ја зголеми загриженоста на српската заедница во Косово бидејќи од Србија примаат плати и пензии во динари, кои ги користат за купување и продавање.
Меѓународната заедница претходно побара Косово да го одложи спроведувањето на таа одлука, наведувајќи ја загриженоста дека тоа може да има негативно влијание врз косовските Срби.
Во денешното соопштение за печатот, Службата за надворешни работи на ЕУ посочи дека „ја зема предвид“ регулативата чија цел е „да се подобри транспарентноста на финансиските текови, да се обезбеди финансиска стабилност и да се бори против перење пари и фалсификување“, но со оценката дека таа одлука „ќе влијае и на финансиската поддршка што косовските Срби ја добиваат од Србија“.
Европската унија е загрижена за последиците што оваа одлука може да ги има врз секојдневниот живот на косовските Срби и другите заедници во Косово поради недостатокот на претходни консултации, а пред се „поради нејзиното влијание врз училиштата и болниците, со оглед на очигледното отсуство на алтернативи во овој момент“.
Се додава дека „краткиот преоден период за имплементација на регулативата, во комбинација со недостигот на информации и практични решенија за сите засегнати заедници, ризикува сериозно да ги комплицира нивните животи“.
Во исто време, Косово беше покането да обезбеди „доволно долг преоден период за спроведување на регулативата и да најде решение за прашањето во рамките на дијалогот што го води Брисел“.
Гувернерот на ЦБК Ахмет Исмаили претходно за медиумите изјави дека указот не забранува поседување динари на Косово, ниту го ограничува трансферот на средства од Србија преку платниот систем на Косово, но неопходно е „граѓаните да имаат отворена сметка за евра“.
„Доколку институциите во Србија сакаат да ги платат граѓаните на Косово, средствата стигнуваат на неговата сметка во евра. Значи, ако се праќаат во динари, се менуваат во евра“, рече Исмаили.
Косовскиот вицепремиер Бесник Бислими во средата рече дека владата во Приштина ќе започне кампања за информирање на граѓаните за уредбата, предлагајќи разговори меѓу централните банки на Косово и Србија за да се најде механизам за транспарентен трансфер на пари за кој комерцијалните банки мора да бидат лиценцирани од косовските финансиски власти. Единствената преостаната банка од Србија во Косово – НЛБ Комерцијална банка, во среда, на 31 јануари, ја затвори последната од своите девет филијали.