Скудерија Ферари е на добар пат да потпише договор со Луис Хамилтон (39), седумкратниот светски шампион во Формула 1, во следните неколку дена, најавуваат добро информираните италијански новинари.
Според истите извори, Британецот директно преговара со претседателот на Ферари, Џон Елкан и доколку се биде во ред, договор ќе биде постигнат во следните неколку дена.
Хамилтон би се преселил во Маранело во 2025 година, иако има договор со Мерцедес до крајот на таа година.
Меѓутоа, во истиот тој договор меѓу Хамилтон и тимот од Бракли, постои клаузула која му дозволува да го напушти тимот на крајот на 2024 година. Ако оваа информација се покаже како точна, Хамилтон во тимот би дошол на местото на Карлос Саинц јуниор и би му бил партнер на Шарл Леклер кој минатата недела потпиша нов договор со Ферари.
Во исто време, новинарот Вил Бакстон на својот профил на социјалната мрежа „X“, напиша:
„Слушам дека големата вест доаѓа на крајот на неделата. Ако е тоа што мислам, ќе биде огромно“.
Останува да видиме дали трансферот на Хамилтон во Ферари ќе испадне реалност или уште една доза неосновани шпекулации на италијанските медиуми.
Минатата година, пред Британецот повторно да потпише за Мерцедес, се шпекулираше дека е блиску до преселба во најуспешниот тим во историјата на Формула 1.