Борел: ЕУ планира да и испрати на Украина помош од 21 милијарда евра во 2024 година

Борел-ЕУ-планира-да-и-испрати-на-Украина-помош-од.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Земјите од ЕУ планираат оваа година да издвојат најмалку 21 милијарда евра за воена помош за Украина, додека во првите две години оваа помош изнесуваше 28 милијарди евра, изјави денеска шефот на европската дипломатија Жозеп Борел.


На прес-конференција, по неформалниот состанок на министрите за одбрана во Брисел, Борел рече дека ЕУ очекува да достигне 52 отсто од целта да испрати еден милион гранати во Украина до март оваа година.

Тој додаде дека капацитетот за производство на артилериски гранати во Европа до крајот на годината ќе достигне 1,4 милиони годишно, додека сега е речиси милион.

Борел рече дека денеска е постигнат договор за обука на уште 20.000 украински војници.

„Речиси ја достигнавме целта од 40.000 обучени украински војници преку нашата мисија за обука во Украина“, рече Борел, додавајќи дека вкупно 60.000 војници ќе бидат обучени до лето.

Борел посочи дека минатата година ЕУ и нејзините земји-членки се обврзаа да испорачаат еден милион артилериски куршуми во рок од една година, а дека од март минатата година се испорачани 330.000 артилериски куршуми.

Тој додаде дека очекува таа бројка да се зголеми за 200.000 и до март да достигне 524.000, што е 52 отсто од зацртаната цел.

„До крајот на годината планираната испорака ќе достигне повеќе од еден милион“, нагласи Борел.

Тој додаде дека капацитетот за производство е зголемен за 40 отсто од почетокот на војната.

„Капацитетот за производство на муниција денес изнесува речиси еден милион куршуми годишно, но до крајот на годината ќе достигне 1,4 милиони. Ќе продолжи да се зголемува“, рече Борел.

Тој посочи дека за време на средбата ја повторил итноста за постигнување договор за натамошна воена поддршка за Украина, како на краток, така и на долг рок.

Борел изјави дека министрите за состојбата на бојното поле, за потребите и приоритетите на Украина ги информирал украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров, кој учествувал преку видео повик. Тој додаде дека дискусијата за Фондот за помош за Украина продолжува, пред утрешниот Европски совет, кој ќе се занимава со најитните потреби на Украина.

Борел истакна дека разговарале и за европската одбранбена индустриска стратегија и како да се зголеми индустриската и технолошката основа на одбраната на ЕУ, а истовремено да се зголемат индустриските капацитети, пренесува Танјуг.

„Мораме да преминеме од итен режим на поддршка за Украина кон долгорочен пристап за зајакнување на нашата одбранбена индустрија“, рече Борел, додавајќи дека земјите-членки се силно посветени на таа стратегија, која ќе биде претставена прво пред Европската комисија а потоа до Советот на ЕУ.

Белгискиот министер за одбрана Лудивин Дедондер на заедничката прес-конференција со Борел рече дека ЕУ е таму за да обезбеди опрема што е неопходна за непосредна одбрана на украинската територија и народ, но и дека таа е таму за да му помогне на Киев да ги модернизира сопствените вооружени сили, за да може кога ќе заврши војната да продолжи да ја брани својата територија.

Посочувајќи ги бројките што ги изнесе Борел кога станува збор за помошта за Украина на краток и долг рок, таа оцени дека тие зборуваат за посветеноста на ЕУ во поддршката на Украина.

„Бројките не лажат“, рече таа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK