Во рамки на посетата на САД, а во пресрет на утрешниот традиционален молитвен појадок во Вашингтон, заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, денеска учествуваше на безбедносниот форум на тема „Малигното кинеско и руско влијание на Балканот“.
Грковска во своето излагање посочи дека Северна Македонија отсекогаш била на крстосницата на различни влијанија, вклучително и оние штетните со кои се поткопуваше секој чекор што како држава го направивме за да станеме дел од Алијансата и да влеземе во ЕУ. За жал, како што истакна Грковска, овие влијанија не се намалија со влезот во НАТО, туку се интензивираа откако земјата се соочи со нови пречки во пристапувањето во Европската Унија.
Во таков контекст, штетните наративи, лажните вести и дезинформациите се шират пошироко и подлабоко во општеството, нагласи Грковска и додаде: „Сето тоа е во интерес на агендите на земји од кои Северна Македонија, историски гледано, никогаш не видела ништо добро. А растечкиот евроскептицизам и антизападните чувства кои организирано се зајакнуваат, можат да имаат далекусежни последици врз стабилноста на нашето општество и на целиот регион“.
Во своето обраќање вицепремиерката изрази надеж дека Соединетите Американски Држави и во иднина ќе останат наш посветен сојузник и пријател кој континуирано ги поддржува напорите на Северна Македонија за унапредување на демократијата, за владеење на правото и за градење одржливи институционални капацитети за раст и развој.
„Без партнерството со САД, ние самите не би можеле да се справиме со малигните влијанија на непријателите на слободата и демократијата, ниту да ги спречиме метастазите што продираат во кревкото ткиво на нашето општество“, заклучи Грковска.