Епилогот го гледа целата јавност, истакна претседателката на ДКСК Билјана Ивановска на брифинг со новинарите по повод завршување на нивниот мандатот.
„Од нашите иницијативи за кривично гонење доставени до јавните обвинителства досега нема ниту една јавна обвинителска одлука која што стасала до суд, не само од овој состав туку од постоењето на оваа институција од 2002 година навака, со исклучок на „Бачило“. Тоа се вкупно над 200 иницијативи за кривично гонење кои излегле од овде во последните дваесетина години како постои оваа институција“, потенцира Ивановска.
Државната комисија за спречување на корупцијата за време на петгодишниот мандат, како што беше истакнато, оформила вкупно 2.872 предмети, од кои 2.788 биле по пријави од областа на спречување на корупцијата, а 84 предмети се оформени по сопствена иницијатива. При тоа решени се 2.451 предмети, а биле поднесени 59 иницијативи за утврдување одговорност на раководни и службени лица и 56 иницијативи за покренување постапка за крвично гонење.
Околу тоа што треба да се преземе во иднина за тоа да се промени, Ивановска смета дека прашањето треба да се постави во правосудните органи, каде, како што рече, потребни се коренити промени, но и дека секоја институција треба да си ја врши работата за која е надлежна.
„Недостига вториот момент, а тоа е спроведување на нашите одлуки и тоа не само на ДКСК, туку на независните тела. Вие го читате извештајот на ЕК, секоја година се повторува една иста препорака: институциите да постапат понатаму по иницијативите, по препораките на независните тела, за да можат предметите да си имаат своја завршница. Со носење на Кривичен законик за 24 часа, со кој што се намалија казните, со поништување на над 200 предмети, и со еден процент доверба во судството, резултатите се такви какви што ги гледаме. Значи прво треба да бидеме јасни пред себе, дали сме за искрена борба против корупција, или за декларативна“, подвлече Ивановска.
56-те иницијативи за покренување постапка за крвично гонење и 59-те иницијативи за утврдување одговорност на раководни и службени лица, беа потенцирани како успех на ДКСК.
„Сите тие се однесуваат на високи профили на функционери, и сите се поткрепени со доказен материјал кои Обвинителството требаше да ги има предвид, да не ги третира како пријава од обичен граѓанин. Затоа што дел од тие наоди се потпираат на ревизорски извештаи. Горди сме и на сите иницијативи до Уставен суд иако беа отфрлени – и за поранешен претседател ни држеше иницијативата, и за „Бехтел и Енка“ за носење на законот по кратка постапка, затоа што Уставот се крши со тоа, но така функционира државата и час поскоро тоа треба да се промени“, нагласи таа.
Напомена дека тие би можеле да направт многу повеќе доколку условите кои биле потребни за нивна работа биле побрзо исполнети, при тоа укажа на електронското поднесување на анкетните листови, кое стартуваше дури последната година од нивниот мандат.
На прашањето дали во нивниот мандат се соочиле со притисоци или закани, таа вели дека не се соочиле со такви ситуации, но и дека нивниот јавно изнесен став бил своевидна брана за евентуални такви обиди. Според неа, притисоците биле јавни, како што се соопштенија од тројцата вицепремиери кои коментирале наоди на ДКСК, потоа настапот на ЈО кога кажа дека ја прекинува соработката.
„Ние на сите тие јавни притисоци сме имале и јавни одговори“, кажа Ивановска.
На новинарско прашање околу злоупотреба на службени возила од страна на техничкиот премиер, Ивановска рече дека три дена пред крајот на мандатот нема ништо да поднесат но притоа очекува да реагираат од Кабинетот на Грковска.
„Системот треба да функционира и понатаму. Нашето е до тука. Повеќе пати сме укажале на злоупотреба на службени возила и службени простории. И досега биле предупредувани тие функционери, но резултатот е тој, дека предупредувањата не се доволни. Треба да се има малку поригорозни мерки во тој дел. Причина за повторување на ваквото однесување е неказнивоста, дали сте виделе некој да би казнет за злоупотреба на служебни возила. Ние дадовме предлог регистрациите на сите службени возила да бидат обоени во една боја и да бидат достапни на граѓаните да видат и да следат како се движат функционерите со службени возила, но од 2021 година овој предлог не се спроведува затоа што нема искрена волја да се спречат вакви злоупотреби“, истакна Ивановска.