Американскиот министер за одбрана Лојд Остин изјави дека Соединетите држави ќе ги преземат сите неопходни дејствија за да ги одбранат своите трупи по нападот на проиранските милитанти во Јордан кога загинаа тројца војници, а десетици беа повредени.
Вчерашниот напад беше првиот фатален за американските војници од почетокот на израелската офанзива на Појасот Газа во октомври, и претставува голема ескалација на тензиите кои веќе владеат со Блискиот Исток.
„Дозволете ми да започнам со мојот гнев и тага поради смртта на тројца храбри американски војници во Јордан, како и другите кои беа повредени“, рече Остин во Пентагон.
„Претседателот и јас нема да толерираме напади врз американските сили и ќе ги преземеме сите неопходни активности за да ги одбраниме САД и нашите војници“, додаде Остин пред средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
САД се обидуваат да утврдат зошто 350 војници во базата во Јордан, позната како Кула 22, не успеале да го запрат дронот. Двајца американски функционери изјавија за Ројтерс дека дронот што напаѓал се движел кон базата во исто време кога американскиот се враќал во неа.
Еден од официјалните лица изјави дека дронот на агресорот летал многу ниско, што можеби придонело одбраната на базата да не го открие.
Американските војници биле нападнати повеќе од 150 пати во Ирак, Сирија и Јордан, како и на воени бродови во Црвеното Море каде јеменските Хути ги гаѓаа со проектили и беспилотни летала.
Тие напади го зголемуваат притисокот врз американскиот претседател Џо Бајден директно да го нападне Иран, што тој не сака да го направи затоа што се плаши од започнување на поширока војна, пишува Ројтерс.
Одговорот на американската влада може да се движи од таргетирање на иранските сили надвор од Исламската Република или дури и внатре во нејзината територија, до поблага стратегија за напад само проирански милитанти кои ја презедоа одговорноста, велат експертите.
Одговорноста за нападот ја презеде Исламскиот отпор во Ирак, милитантна група поддржана од Иран активна во Ирак и Сирија.
„Иран продолжува да го дестабилизира регионот, а тоа вклучува и поддршка на терористите кои ги напаѓаат нашите бродови во Црвеното Море“, рече Столтенберг.