Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска оствари средба со амбасадорот на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија, Дејвид Гир.
На средбата беше констатирана одличната соработка која во континуитет се одржува од страна на Европската Унија, а која ќе продолжи и во периодот што следи пред одржувањето на престојните парламентарни избори.
Амбасадорот Гир изрази безрезервна поддршка за новоизбраниот претседател на Собранието и на институцијата во целост, која, како што нагласи, ќе продолжи и во следните месеци, со цел заокружување на незавршените активности и законодавни постапки поврзани со реформските обврски, кои произлегуваат од нашиот евроинтегративен пат.
Во тој контекст, амбасадорот укажа на важноста да бидат заокружени во текот на овој мандат одредени почнати постапки поврзани со одржувањето на парламентарните избори, со цел да не се доведе во прашање од која било страна легитимноста на изборниот процес.
Претседателот Митрески, заблагодарувајќи се за средбата, потенцираше дека назначување на оваа функција за него претставува чест и одговорност да се води законодавната власт до конститутивната седница на следниот парламентарен состав. Митрески рече дека ќе направи сė што е во негова надлежност за заокружување на прашањата кои засега сѐ уште немаат завршница во Собранието, а се од особено значење за функционирањето на институциите и за нашето европско досие како земја.
Соговорниците беа согласни дека оваа соработка ќе продолжи, особено во однос на активностите од Планот за раст на Западен Балкан на Европската комисија и други прашања од приоритет и интерес за двете страни.