Во мое лично име и во име на ВМРО-ДПМНЕ на сите припадници на српската етничка заедница во Република Македонија им го честитам празникот Свети Сава, изјави денес лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Значењето на овој ден посветен на првиот српски архиепископ и просветител, за српската етничка заедница има огромно духовно и културно значење, и неговото чествување во Македонија е доказ за взаемната почит и меѓусебно разбирање меѓу граѓаните без оглед на нивните разлики. Толеранцијата и соживотот се вековна традиција која се негува во нашата заедничка Татковина. Токму довербата и уважувањето меѓу двата народи, српскиот и македонскиот, се најцврстиот мост на пријателство кој може да се изгради. Нивната лојалност е доказ за тоа како се придонесува и гради државата, рече тој.
Мицкоски додаде дека во исто време и тие како и сите останати граѓани ја споделуваат истата мака од секојдневието, лошиот стандард и живеачка, а во Македонија никогаш не се живеело толку лошо и толку сиромашно.
– Затоа се потребни промени и голема надеж. Промените доаѓаат и тие зависат од секој еден човек. Ви посакувам честит празник со желби за многу за здравје и среќа, но пред се желба за успеси и подобра иднина, која мораме заедно да ја градиме и за која мораме заедно да се бориме, рече лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.