Луѓето во данското село Олст живеат во страв дека нивните домови ќе бидат затрупани од свлечиште со загадено тло во една од најлошите еколошки катастрофи во историјата на Данска, пишува „Гардијан“.
Свлечиштето полека се движи кон Олст, село со 400 жители јужно од Рандерс во Јитланд, откако земјата почна да се поместува во блискиот објект, управуван од Nordic Waste. Поради свлечиште се урнаа зградите на тој погон.
Се верува дека најмалку 2 милиони тони загадена почва се движат 2 метри дневно. Досега свлечиштето се движеше по 9 метри дневно. Се стравува дека загадената почва би можела да ја загади реката Алинг А.
Извештајот на Геолошкиот институт на Данска и Гренланд (GEUS) за свлечиштето, кој предизвика бес низ Данска, покажа дека лизгањето на земјиштето било предизвикано од човечка, а не природна активност. Во почвата има и материјал од Норвешка.
Се очекува дека трошоците за чистење ќе достигнат 205 милиони дански круни (околу 27,50 милиони евра) во следните шест месеци и дека трошоците на крајот би можеле да достигнат неколку милијарди.
Nordic Waste, чиј слоган е „Да ѝ дадеме нов живот на Земјата“, прогласи банкрот минатата недела.
„За жал, свлечиштето достигна такви размери што ние како компанија не сме во состојба да ја преземеме задачата да се бориме со него“, соопштија од Nordic Waste.
Рене Молер Ларсен, чиј бизнис се наоѓа на 500 метри по ридот од свлечиштето, рече дека заедницата е загрижена и потресена од инцидентот. Ларсен живее во таа област со децении.
„Луѓето се шокирани. Свлечиштето и ѓубрето во него се движеа многу брзо. Најлошо е што оди кон селото. Брзината на свлечиштето е намалена, но верувам дека ќе поминат месеци. Која е смислата на собирањето ѓубре за Данска? Се е до парите“, изјави Ларсен за Гардијан.
Во Данска се шпекулираше дека лизгањето на земјиштето е предизвикано од неодамнешниот силен дожд. Сепак, Кристијан Свенневиг, постар истражувач во GEUS и еден од авторите на извештајот за катастрофи, рече дека се пронајдени докази за свлечиштето кои датираат од 2021 година. Тој рече дека свлечиштето расте .
„Она што го заклучивме е дека тоа не е природна појава, тоа е феномен создаден од човекот и дека климатските промени не се виновни. Во основа, контаминираната почва почна да се лизга и тоа се случи во релативно сушните години 2021 и 2022 година. Природни свлечишта не се случуваат, за време на сушната сезона“, рече Свенневиг.
Иако некои од најнепосредните опасности се ублажени, милиони тони загадена почва сè уште се во движење, а не е сигурно колку брзо се движи или колку далеку ќе патува. Данскиот министер за животна средина Магнус Хеунике вели дека катастрофата се уште е во „акутна фаза“.
Свенневиг изјави за Гардијан дека создавањето на компјутерски модел на лизгање на земјиштето ќе помогне подобро да се ограничи неговата идна траекторија и да се спречи оваа катастрофа да се развива.