Пред да се распишат изборите 1117 вработени со договор на дело во здравството ќе добијат трајни вработувања

Пред-да-се-распишат-изборите-1117-вработени-со-договор-на.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Завршено е аплицирањето за 1117 трајни вработувања во здравствените установи чија првична цел беше трајни вработувања да добијат лицата кои со години работат со договори на дело. Министерот за здравство Фатмир Меџити вели дека даваат максимални напори за вработувањат да станат реалност пред да се распишат изборите.


„Јас не сум правник, јас сум лекар, но ги консултирав службите. Знаете како се изборивме пред Нова година за луѓето вработени на договор на дело. Беше веќе крајно време да добијат вработување. Вчера ми најавија дека целокупниот број од 1117 апликации се завршени во јавните здравствени установи, поднесени се во Министерството за здравство. Сега ние треба да добиеме согласност од Финансии. Ние денес со невидена брзина ќе ги добиеме тие согласности од Министерството за финансии, од Министерството за информатичко општество и од Фондот за здравствено осигурување. Навистина макотрпно работиме и даваме крајни напори за тоа да биде реалност пред да се распишат изборите. Јас до крај ќе се изборам за ова да биде реалност“, рече денес министерот Меџити по отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки на Универзитетската клиника за хематологија.

Тој признава дека пропусти се можни оти законот дозволува на огласите да се јават сите, не само лицата кои веќе работат со договор на дело.

„На прашањето дали ќе има пропусти кажав да, затоа што закон дозволува сите да конкурираат. Ова не е доволен овој број вработувања, ние знаеме дека со договор на дело се над 2000 лица, но да ублажиме сега, да амортизираме. Не значи дека ќе сопреме тука, уште подинамично ќе продолжиме во наредниот период. Правиме максимални напори во рамки на законот да ги скратиме овие процедури, но тоа ќе видиме допрва како ќе оди. Тоа не зависи од мене. Тоа што зависеше од мене вие сте сведоци како се изборивме да го добиеме. Се надевам дека ќе ги завршиме пред да распишеме избори“, рече министерот Меџити.

Иако преку низа протести здравствените работници бараа трајни вработувања за околу 2000 лица кои работат со договор на дело, Владата со одлука минатиот месец одобри вработување на 1117 лица медицински и технички кадар во здравствените установи во земјава. Министерот Меџити апелираше менаџерите на сите чесни и вредни работници да им дадат предност оти имаат дискреционо право кому да му дадат решение за трајно вработување.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK