Шест лица се пронајдени мртви во пустината Мохаве во јужна Калифорнија.
Полицијата истражува кој стои зад убиствата откако шест тела беа пронајдени расфрлани во оддалечен дел од пустината, соопшти Канцеларијата на шерифот на округот Сан Бернардино. Полицајците кои ја примија дојавата ги открија телата во вторникот вечерта во оддалечена област во близина на автопатот 395 во близина на Ел Мираж, околу 95 километри североисточно од Лос Анџелес, изјави за новинарите портпаролката на шерифот Мара Родригез.
Засега нема информации за идентитетот на загинатите. Официјални лица рекоа дека причината и начинот на смртта допрва треба да се потврдат, но „Виктор Вели њуз“ објави дека сите жртви биле застрелани. Првично беа пријавени пет тела, но Родригез рече дека во текот на истрагата биле пронајдени останките на шестата жртва.
Телевизиската станица КТЛА-ТВ во Лос Анџелес соопшти дека снимките од воздух од местото на настанот покажуваат повеќе крвави тела на земјата со десетици траги и чаури околу нив. Некои од жртвите, исто така, се чинеше дека се изгорени, објави медиумот, додавајќи дека сцените биле премногу ужасни за да се емитуваат.
На местото на настанот се пронајдени и две возила – син џип и бело комбе. КТЛА известува дека теренецот бил изрешетан со куршуми, а стаклата биле искршени, додавајќи дека едно од телата било пронајдено во едно од возилата.
Полицијата соопшти дека нема уапсени и не понуди објаснување за мотивот или околностите околу убиствата. Ел Мираж е заедница која се наоѓа во близина на рамно, суво езерско корито во западната долина Виктор во пустината Мохаве.