Маж од Јапонија е осуден на смрт за подметнување пожар во јапонско аниме студио во 2019 година, при што загинаа 36 луѓе, а десетици други беа повредени. Во инцидентот животот го загубија претежно млади уметници и вработени во студиото кои беа заробени на горните катови од зградата.
Шинџи Аоба (45) се изјасни за виновен за нападот на студиото за анимација во Кјото, но неговите адвокати побараа полесна казна, тврдејќи дека е психички нестабилен. Судиите ги одбија нивните барања и заклучија дека Аоба знае што прави, пишува Би-би-си.
„Утврдив дека обвинетиот не бил ментално непресметлив во моментот на злосторството“, изјави денеска судијата Масуда за време на изрекувањето на пресудата во Окружниот суд во Кјото. Самиот Аоба се здобил со изгореници над 90% од телото за време на пожарот, а бил уапсен дури откако закрепнал од операцијата.
Според извештаите на медиумите во 2019 година, Аоба упаднал во зградата на трикатното студио извикувајќи „Умри!“, тврдејќи дека е плагијат, а потоа истурил запалива течност, најверојатно бензин, врз студиото и го запалил.