Централните банки успеаја да надминат еден од најголемите стрес-тестови и успешно да влијаат кон намалување на инфлациските стапки и одржување на финансиската стабилност. Изминативе две години, централните банки ширум светот го спроведоа најусогласеното и најагресивното затегнување на монетарната политика во изминатиот половина век. Промените во монетарната политика беа соодветно поставени и комбинирани со макропрудентни мерки, сѐ со цел да се избегнат евентуалните неповолни ефекти врз финансиската стабилност.
„Со ваквата поставеност, засега инфлацијата се намалува, финансиската стабилност е зачувана, а рецесијата е избегната“, истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на Форумот на Централна и Источна Европа, во организација на „Еуромани“, кој се одржува традиционално во Виена, Австрија.
Говорејќи на гувернерскиот панел-состанок, насловен „Нови задачи, нови алатки“, Ангеловска-Бежоска истакна дека двојниот успех на централните банки, односно едновременото справување со инфлацијата и одржувањето на финансиската стабилност, се должи на два фактора. Првиот, се зајаканатите биланси на банките и останатите финансиски институции како резултат на соодветната регулатива и супервизија, додека вториот фактор е збогатената палета на макропрудентни мерки за одржување на финансиската стабилност. Преку обезбедувањето заштитни слоеви на банките и останатите финансиски институции, како и рамка за брзо решавање на системски важните институции, се придонесе за зајакнување на финансиската стабилност. „Неодамна објавената студија на Банката за меѓународни порамнувања, која анализира 157 епизоди на затегнување на монетарната политика, утврдува дека построгата макропрудентна политика го намалува ризикот за финансиски стрес и на тој начин го зголемува просторот за маневрирање на централните банки во борбата против инфлацијата“, вели Анегловска-Бежоска.
Во однос на инфлацијата, таа посочи дека не само постепеното намалување на инфлацијата, туку и стабилноста на инфлациските очекувања е показател за успешноста на политиките и довербата во централните банки. Инфлациските очекувања имаат клучна улога, со оглед на нивното влијание врз политиката на цените и платите во економијата. Таа посочи дека и во поразвиените економии и кај нас, анкетните истражувања и пазарните движења покажуваат дека долгорочните инфлациски очекувања беа под влијание на високата инфлација само привремено, за потоа тие да се намалат. Тоа покажува дека на подолг рок очекувањата за инфлацијата останаа исти.
На панел-состанокот на кој учествуваше гувернерката Ангеловска-Бежоска, учество зедоа и гувернерот на централната банка на Литванија, вршителот на функција гувернер на ентралната банка на Грузија, гувернерот на централната банка на Албанија, заменик- гувернерката на централната банка на Полска. Инаку, Форумот на Централна и Источна Европа во организација на „Еуромани“ е еден од водечките традиционални настани од областа на финансиите. На овој годишен настан редовно присуствуваат повеќе од илјада учесници – гувернери на централни банки, министри за финансии, раководители на финансиски институции и инвеститори.
Во рамки на Форумот, гувернерката Ангеловска-Бежоска имаше повеќе средби со финансиски институции и потенцијални институционални инвеститори.