Трите репрезентативни синдикати на Јавното сообраќајно претпријатие информираа дека ќе нема превоз во понеделник, ако не ја добијат платата до тогаш.
„Репрезентативните синдикати во Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ ги повикуваат советниците од Советот на Град Скопје итно да свикаат седница на Советот со една единствена точка на дневен ред, а тоа е гласање за субвенционирање на ЈСП. Бидејќи истите тие советници го изгласаа буџетот на градот Скопје за 2024 година. Тоа значи, доколку не донесат одлука до недела, 21 јануари 2024 година, во понеделник, вработените во базите и другите сектори, нема да работат, бидејќи не е исплатена во законски рок изработената декемвриска плата, велат од синдикатите“, информираа од Синдикатите.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска побара одговорност од Советот на Град Скопје поради најавениот прекин на работа на ЈСП поради неисплатената декемвриска плата.
– “Оние одлуки што беа за редовното функционирање поврзани со буџетот на Град Скопје, уредно ги доставив до Советот и претседателот, дури свикав и една итна седница, која што тој одлучи со своето дискреционо право, точките кои беа најважни за претпријатијата на Град Скопје, да ги отстрани од дневниот ред. Како што можете да видите побаравме нова вонредна седница, истата се уште не е свикана до овој ден. Јас се надевам дека прво одговорност ќе имаат со функцијата што ја имаат, доколку сакаат свесно да ги уништат претпријатијата, одговорноста е нивна, ние од наша страна се што сме можеле сме направиле“, рече Арсовска.