Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски објави дека фирмата за обезбедување во М-НАВ која не го спречи упадот и насилството во контролната кула, во истиот период, од истите директори добила нов годишен договор.
Стоилковски вели дека наместо веднаш по инцидентот во стратешки државен објект, по ваков напад, да биде прекинат договорот со обезбедување, и да биде отворен предмет за улогата на обезбедувањето во нападот, државата има нов договор со истата фирма.
„Кичевската “2сс”, е првата фирма за обезбедување којашто добива тендер за М-НАВ, а само неколку дена пред бандитизмот на ДУИ во контролната кула, има нов договор со старите, сега сменети, директори“, рече Стоилковски.
Тој прашува која и колкава е улогата на фирмата во нападот врз стратешкиот објект на државата, зошто не е раскинат договорот, зошто обезбедувањето не реагирало, како и чија е оваа компанија што обезбедува ваков стратешки објект.
„Според сведоштва на присутни, јавно е кажано дека токму ова обезбедување ги отворило двете порти (рампи), а еден обезбедувач, дури и се стрчал да ја отвори вратата од џипот со којшто дошле напаѓачите? Почитувани, поминаа две недели, СДС и ДУИ се обидуваат случајот да исчезне од фокусот и да заврши како сите други бандитизми во државата. Ова по дефиниција е меѓународен инцидент со можни животозагрозувачки последици. Компанија која е блиска до ДУИ, и која во време на обезбедувањето на контролата кула и се случува насилство врз контролори на летање на смена, не е логично да продолжи со обврските“, рече Стоилковски.
Додаде дека обезбедувањето, можен учесник во напад врз контролната кула добива нов тендер со М-НАВ. Состојбата е пресериозна за да се остави на бандитизмот, рече тој.