ЕУ го поддржува националниот идентитет на Македонија преку финансирање на културни проекти, обезбедување на јазична еднаквост и заштита на националните симболи

mkd-eu-znaminja
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Европската Унија се смета за симбол на обединување и соработка меѓу народите. Сепак, постои мит дека влезот во Унијата може да го избрише националниот идентитет на земјите-членки. Иако во Македонија се води дебата и се упатуваат обвинувања дека со влезот во Унијата земјата би го загубила идентитетот или пак јазикот, сепак во вистинска смисла, евроинтеграциите не го уништуваат, туку го зацврстуваат националниот идентитет за што постојат и многубројни примери.

Процесот на пристапување во Европската Унија низ годините се покажа како катализатор за збогатување и зајакнување на идентитетот на земјите-членки. Иако самиот термин „Европски“ вклучува во себе различни географски, историски и културни фактори кои придонесуваат во формирањето на европски идентитет заснован на заеднички историски врски, идеи и вредности тоа не подразбира поништување на националните идентитети на земјите.


Македонскиот јазик би станал еден од официјалните јазици на ЕУ!

Со влезот во ЕУ, македонскиот јазик би станал еден од официјалните јазици на Унијата како и останатите 24 јазици кои уживаат еднаков статус во институциите на ЕУ. Ова гарантира дека ниту еден јазик не е маргинализиран и создава средина каде јазичната разновидност не само што се почитува, туку и активно се поттикнува. Дополнително, сите официјални документи, записи и дискусии се преведуваат на јазиците на земјите-членки, а така би било и за Македонија. Со тоа се гарантира дека македонскиот јазик ќе биде претставен и почитуван на секое ниво во Унијата.

 

Како конкретен показател за признавањето на македонскиот јазик, Владата и Европската Унија во октомври 2022 година го ратификуваа Договорот за ФРОНТЕКС напишан и на македонски јазик поставувајќи го на исто рамниште со останатите јазици во ЕУ. На овој договор потпис ставија и Грција и Бугарија што е прв договор во кој јазикот се именува како што и официјално се именува во Македонија, македонски јазик.

 

Во насока на промоција на македонскиот јазик, само во текот на 2023 година, Делегацијата на Европската Унија во Македонија организираше бројни настани и активности за славење на мајчиниот јазик и литературата. Активностите се одвиваа под насловот „Раѓањето на зборот“ во чест на песната на Ацо Шопов, еден од основачите на современата македонска поезија.

 

Покрај одбележувањето на стогодишнината од раѓањето на Ацо Шопов, што се одржа на 21 март 2023 година, Светскиот ден на поезијата, Делегацијата на ЕУ, во текот на оваа година и во различни пригоди, се приклучи и на оддавањето почит на големиот писател и филолог Блаже Конески, на поетот Кочо Рацин и на филологот и етнограф Крсте Мисирков.

 

Преку овие активности, бројните преводи на македонски јазик на книги од европски автори издадени со поддршка од ЕУ, награди и друг вид на признанија со кои се поттикнува негувањето и развојот на мајчиниот јазик, Унијата активно дава поддршка за негова заштита и промоција преку литературата.

 

ЕУ го почитува идентитетот на секоја земја-членка!

 

Во рамките на ЕУ, покрај јазичната разноликост, се почитува и идентитетската. Традициите, обичаите и националните симболи на секоја од земјите-членки се заштитени и признаени, а преку иницијативи како „Creative Europe“ (Креативна Европа) за поддршка на културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор во Европа и пошироко со финансиски средства се поддржува и заштитата на историските локалитети и артефакти.

 

Покрај нив, преку ознаката за европско наследство, кое Европската Комисија го доделува на згради, музеи и споменици, Унијата ги заштитува сите историски и културолошки обележја кои се сметаат за клучни во создавањето на денешната Европа. Северна Македонија изобилува со историски и културолошки обележја кои, не само што би биле заштитени, туку земјата би добивала и финансиски средства за нивна активна промоција.

 

ЕУ го штити културното наследство!

 

Традиционалната медитеранска исхрана на пример, признаена од УНЕСКО како нематеријално културно наследство, има поддршка и од ЕУ. Европското финансирање за Италија и Грција покрај заштитата на традиционалните прехранбени производи вклучува и промовирање на одржливо земјоделство и поттикнување на здрава исхрана. Шпанското Фламенко кое е составен дел од културното наследство на земјата, има поддршка од Унијата за негово зачувување. Иницијативите вклучуваат финансирање на училишта за Фламенко, фестивали и проекти кои имаат за цел да го пренесат тоа на младите генерации, и на тој начин да обезбедат континуитет. Финансиска поддршка и заштита има и традиционалното занаетчиство во Романија, кое вклучува копаничарство и изработка на керамика. ЕУ обезбедува програми за обука и иницијативи кои ги промовираат традиционалните занаети од Романија на домашно и на меѓународно ниво.

 

Заложбата на ЕУ за заштита на националниот идентитет, не е само реторичка, туку е потврдена со конкретни акции и политики. Преку финансирање на културни проекти, обезбедување на јазична еднаквост, заштита на национални симболи, обичаи и традиции, Унијата активно ги поддржува и штити национални идентитети кои ја дефинираат секоја земја-членка. Такво нешто како рамноправна членка на Унијата ја очекува и Северна Македонија.

ПР

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK