Клиника Жан Митрев започнува национална кампања за бесплатен скрининг за канцер на бели дробови. За првпат пациентите ќе може да се испитуваат дали носат ризик за развој на рак на бели дробови и да делуваат превентивно. Целта на кампањата на Клиника Жан Митрев е навремено откривање на асимптоматските пациенти, дијагностицирање во рана фаза кога може да се изврши оперативен третман, бидејќи така прогнозата за преживување е многу подобра и подигнување на свесноста за рано откривање на заболувањето во почетна фаза.
„Ракот на белите дробови е главната причина за смртност поврзана со ракот, а Македонија не е исклучок. Кај нас инциденцата е 14,9% што значи 1135 нови случаи секоја година, а според стапката на смртност сме на 10-то место во светот. Пушењето и загадувањето на воздухот се двата најголеми ризик-фактори за развој на карцином на белите дробови, појави што се многу застапени кај нас. Заради овие факти потребно ни е национално делување и скрининг, посебно на ризичните категории. Итно ни е потребно и кревање на свесност за проблемот, затоа што најголем дел од пациентите доаѓаат во многу доцна фаза и затоа стапката на смртност е толку висока. Болеста во првите фази е асимптоматска, не се прават превентивни прегледи и затоа се недијагностицирани. На овој начин, со скрининг и рано откривање значително се зголемуваат шансите за преживување кај овој тип на пациенти“, вели д-р Лилјана Брајевиќ, торакален хирург во Клиника Жан Митрев.
Со скринингот ќе бидат опфатени пациенти за карцином на бели дробови кои се асимптоматски но влегуваат во ризичните категории според животните навики. Препораката за скрининг опфаќа пациенти од 50 до 75 години кои во текот на 20 години пушеле повеќе од 20 цигари (или 1 кутија) на ден или 2 кутии цигари дневно во тек на 10 години, како и пациенти кои биле пушачи, а престанеле во последните 15 години. Пациентите што ќе се пријават прво пополнуваат прашалник според кој се проценува ризикот за да добијат карцином на бели дробови. Пријавувањето и пополнувањето на прашалникот може да се направи онлајн на интернет страната на Клиника Жан Митрев а повеќе информации за начинот на пријавување може да добијат на телефонскиот број 02 3091 484.
Скринингот се одвива во две фази, во првата фаза се користат процедури со кои ќе се одделат позитивни од негативни пациенти, а во втората фаза, се користат процедури за комплетна дијагностика кај позитивните пациенти. Позитивните пациенти односно оние каде ќе се дијагностицира карцином, ќе бидат консултирани и упатени на комплетен оперативен и онколошкитретман што се применува во Клиника Жан Митрев. Според препораката на The American cancer society скринингот се прави со компјутеризирана томографија на бели дробови со ниска доза на зрачење (Low dose CT scan) што e златен стандард во скрининг дијагностиката.
Во светот, но и во Македонија, ракот на белите дробови е главната причина за смртност. Дури 23% од сите видови отпаѓаат на овој вид рак, што го прави ракот на белите дробови, по ракот на дојката, најчест облик на рак во светот.