На повидок е нов скандал во општините под капата на ДПМНЕ. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, доделил пари на ракометен клуб во кој самиот тој е основач, објави на прес-конференција, портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Кузеска рече дека над 250 илјади евра се исплатени на ГРК Охрид од општина Охрид како директна поддршка.
„Овие суми ги потврдува и Службениот гласник на општина Охрид број 14 од 28.12.2023 година. Сопственик на ГРК Охрид АД Охрид е РК Охрид 2013 каде основач на ракометниот клуб е токму градоначалникот Кирил Пецаков. Значи Пецаков преку општината индиректно си префрла пари на самиот себе си!? Директор на ГРК Охрид е Славчо Ристески, десна рака на градоначалникот Пецаков, воедно вработен во ЈП Охридски комуналец. Дали е ова случај на судир на интереси треба да утврди Државната комисија за спречување корупција“, рече Кузеска.
Како што додаде, надлежно обинителство треба да утврди дали е прекршен кривичниот законик бидејќи градоначалникот доделил средства на клуб којшто е токму тој основач.