Министерот за здравство, Фатмир Меџити, денеска беше во посета на Општата болница во Гостивар по повод набавка на нов лапароскоп на одделот за урологија.
Меџити рече дека со ова, првпат во областа на урологијата ќе се извршуваат лапароскопски интервенции во болницата и ќе нема потреба пациентите да се упатуваат во Скопје за овој тип интервенции.
Лапароскопската и ендоскопската опрема е набавена од Министерството за здравство во вредност од 10.5 милиони денари.
„Со оваа инвестиција значително се унапредува специјалноста урологија во оваа болница, а воедно се проширува опсегот на здравствени услуги кои се обезбедуваат во установата. Сакам да истакнам дека изминатиот период за установата набавивме и подвижен рентген апарат со C-рака со дигитален детектор во вкупна вредност од 7.7 милиони денари“, рече Меџити.
Министерот оцени дека овие инвестиции се показател за континуираното унапредување на условите за третман на пациентите во установата.