Нови партиски вработувања ги претрупуваат јавните претпријатија во Градот, а Арсовска за да ги задоволи апетитите на коалицијата ДУИ, СДСМ и Левица објавува незаконски огласи, обвини советникот од ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Град Скопје, Сергеј Попов.
Попов вели дека станува збор за два огласи за вработување во јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ кои се објавени денес во два печатени дневни весника.
„Без одобрување од страна на Советот на Град Скопје, ова јавно градско претпријатие денес објавува огласи за вработување на над 90 лица. Јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ на кое основач е Советот на Град Скопје, и за истиот конкурс основачот нема дадено одобрување за нови огласи и вработувања, сепак кршејќи го законот ЈП „Паркови и зеленило“ објавува јавни огласи за вработување“, рече Попов.
Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Планот за нови вработувања во ова јавно претпријатие не го гласаше, со образложение дека во него има превработеност, а претпријатието продолжува пред избори да се полни со партиски активисти на ДУИ, СДСМ и Левица.
Попов додава дека со овие 2 нови огласи кои „Паркови и зеленило“ ги има објавено, се со одобрување на министерството за администрација, кое исто така го крши законот, бидејќи законска обврска за објавување на огласи за вработување на ЈП „Паркови и зеленило“ е да бидат изгласани од Советот на Градот Скопје.
ВМРО-ДПМНЕ ги повика надлежните институции да истражат и веднаш да преземат соодветни мерки.