Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска на средбата со директорот на Фондација „Ѓорѓи Марјановиќ“, Александар Марјановиќ потпишаа меморандум за соработка помеѓу фондацијата и министерството за труд и социјална политика со која е предвидена соработка во делот на обезбедување на компјутери, курсеви за англиски јазик, обуки за компјутерски вештини, помош при вработување и реализација на менторска програма за деца од згрижувачки семејства и деца сместени во установите на министерството.
Ваквата иницијатива беше поттикната на претходни средби помеѓу министерката Тренчевска и директорот Марјановиќ каде беше разговарано за начини на кои може да се поддржат децата кои се сместени во згрижувачки семејства и штитениците на Министерството за труд и социјална политика.
Тренчевска на средбата истакна дека за неа од особена важност се партнерите со кои се поттикнуваат нови иницијативи и истите се доведуваат до реализација, особено кога се работи за иницијативи кои го допираат квалитетот на живот на ранливите категории на граѓани.