По добиените информации за пропустот поврзан со истакнувањето на официјалното македонско знаме на тенискиот турнир „Австралија Опен“, Министерството за надворешни работи, преку амбасадата во Канбера, реагирало до Министерството за надворешни работи и трговија на Австралија, како и до организаторот на турнирот, „Австралија Опен“.
„Добивме уверување дека се работи за ненамерен пропуст – техничка грешка која е веднаш исправена и која не предизвикала ефективни ограничувања. Беше испратено длабоко извинување и уверување дека инцидентот нема да влијае врз силните врски помеѓу граѓаните на Австралија и Северна Македонија, кои се карактеризираат со пријателство и љубов кон спортот“, велат од МНР.
Организаторот појаснил дека согласно важечките правила, на трибините за време на натпреварите на турнирот дозволено е да се веат само знамиња на учесниците на натпреварот; воедно добиле и потврда дека за време на учеството на нашата натпреварувачка Илина Ѓорчевска, официјалното знаме на земјата било присутно на трибините меѓу гледачите без никакви ограничувања.