Хутите повторно истрелаа проектил кон американски разурнувач во Црвеното Море

Хутите-повторно-истрелаа-проектил-кон-американски-разурнувач-во-Црвеното-Море.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Американската војска објави дека уште еден проектил истрелан од јеменските бунтовници Хути бил пресретнат во јужниот дел на Црвеното Море.


Бунтовниците во неделата околу 16:45 часот по локално време истрелаа противбродска крстосувачка ракета врз разурнувач на американската морнарица, соопшти регионалната команда на американската војска во раните утрински часови во понеделникот на социјалната мрежа Икс.

Ракетата беше пресретната од американските воздушни сили во близина на јеменскиот крајбрежен град Ал Худајда. Нема извештаи за жртви или материјална штета.

Од избувнувањето на војната во Газа меѓу Израел и исламистичката милитантна група Хамас, Хутите поддржани од Иран постојано напаѓаа бродови во Црвеното Море.

Големите бродски компании се повеќе ја избегнуваат таа рута. САД и Обединетото Кралство неодамна ги нападнаа позициите на групата во Јемен, со поддршка од Холандија, Канада, Австралија и Бахреин.

Претходно во неделата, шефот на либанското движење Хезболах, поддржано од Иран, Хасан Насрала, рече дека неодамнешните американски напади против Хутите во Јемен ќе му наштетат на светскиот бродски превоз во Црвеното Море.

„Неодамнешната агресија врз Јемен претставува американско-британска глупост и американска недоследност“, рече Насрала во телевизиско обраќање. „Во исто време кога Американците повикуваат војната да не се шири, тие ја прошируваат“, додаде тој. „Она што Американците го направија во Црвеното Море ќе му наштети на меѓународниот бродски транспорт како целина“, додаде шефот на Хезболах.

Од избувнувањето на војната во Газа на 7 октомври, бунтовниците Хути, кои контролираат големи делови од Јемен, постојано го напаѓаа Израел со беспилотни летала и проектили.

Неодамна, тие често напаѓаа бродови во Црвеното Море – еден од најважните морски патишта за светската трговија што води до Суецкиот канал. Насралах рече дека Хутите ќе продолжат да ги гаѓаат израелските бродови или оние што се упатуваат кон израелските пристаништа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK