Пoранешниот претседател на Македонија, Ѓорѓе Иванов, се обрати во Обединетите нации во Женева на панел за права на идните генерации кој беше дел од 27-миот Состанок на високо ниво на Меѓународниот центар Низами Ганџави што се одржа во Женева во периодот 11-12 јануари 2024 година. Главната тема на настанот беше „Иднината на мултилатерализмот: Самит за иднината и потребата од нов глобален договор за меѓународна соработка“ во функција на подготовка на претстојното Генерално Собрание на Обединетите нации на кој ќе се одржи Самитот за иднината.
Во обраќањето, Иванов рече дека општ заклучок на сите годишни извештаи и демократски индекси е дека светот станува сѐ помалку демократски. Демократијата секаде се соочува со опаѓање, а автократијата е во пораст. На глобално ниво, бројот на земјите кои се движат кон авторитаризам, во последните шест години е двојно поголем од бројот на земји кои се движат кон демократија. Се влошуваат граѓанските слободи и владеењето на правото, а авторитарните влади стануваат сѐ повеќе репресивни.
На состанокот на високо ниво кој се одржа во Канцеларијата на ОН во Женева учествуваа г-ѓа Татјана Валоваја, генерален директор на Канцеларијата на ОН во Женева; д-р Тедрос Гебрејесус, Генералниот директор на СЗО; Филипо Гранди, високиот комесар на Агенцијата за бегалци на ОН; Генералниот директор на Светската трговска организација; претставници од Женева на УНДП и на ИОМ, МОТ, УНАИДС и ИТУ. Исто така, на настанот учествуваа и поранешни претседатели и премиери и други високи претставници на меѓународни организации.