Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во Вашингтон, САД, оствари средба со помошник државниот секретар, амбасадорот Тод Робинсон од Бирото за прашања поврзани со спроведување на законите и илегална трговија со наркотици, во рамките на Стејт Департментот на САД.
Спасовски истакна дека истата дава значајна можност да се потврдат и зајакнат заемните заложби во борбата против илегалната трговија со наркотици која е високо поставена на заедничката агенда.
„Токму вашата експертиза и искуство во оваа област се од непроценливо значење за нас, и сме благодарни за секаков вид на поддршка и соработка што можеме да ја добиеме од Соединетите Американски Држави. Впрочем, за тоа говорат и заеднички координираните акции со ДЕА, а како исклучитено значајни би ги издвоил акциите меѓу македонската и грчката полиција, како и македонската и албанската полиција, односно во рамки на две организирани криминални групи на територија на Албанија и на територија на Грција во кои беа запленети 429 килограми кокаин.Станува збор за акции реализирани по информации на службите од МВР, успешно спроведени во заеднички соработка со полициите од Албанија и Грција”, истакна Спасовски, информирајќи го Робинсон за постигнатите високи резултати на МВР во делот на сузбивање на недозволена трговија со дрога како најдобри резултати во последните 30 години.
Тој предложи иницијатива за склучување акциски план за реформирање и одржување на кривично правниот систем, како и развивање и воведување на неопходната архитектура за меѓународна контрола на наркотици и прекугранична соработка во областа на спречување на трговијата со дрога. Меѓу другото, тој истакна дека во нашата земја воспоставен е таканаречен „Фронт за борба против корупција“, кој не претставува нова институција или збир од повеќе институции, туку едноставно – механизам за чија цел е осигурување еднакво функционирање во текот на целиот процес на преземање дејствија и отстранување на недостатоците со кои се соочуваме во различните сегменти на сузбивање на овој вид криминал.
„Борбата против криминалот и корупцијата никогаш нема да бидат ефикасни доколку процесните дејствија немаат завршница, доколку ако судот утврди дека некое лице стекнало нешто на криминален начин – тоа нешто не биде одземено и вратено на државата. Поддршката од Владата на САД би била повеќе од добредојдена – осигурување на еднообразен начин на дејствување на сите надлежни институции во борба против корупцијата на начин на кој секоја карика во кривично-правниот систем ќе постапува сообразно, последично и ефикасно согласно своите законско утврдени надлежности”, рече Спасовски.
Помошник државниот секретар, амбасадорот Робинсон изрази задоволство од денешната средба со министерот Спасовски и како одличен познавач на состојбите во Регионот беше импресиониран од презентираните достигнувања и му честиташе на министерот за одлични резултати во борбата против организираниот криминал и дрога, охрабрувајќи го дека и во наредниот период на реформи ја има неговата поддршка и ни стои на располагање во борбата со корупцијата за се што ќе ни биде потребно на тој пат, вклучително и обуки за полициските службеници и експертиза. Робинсон рече дека безрезервно продолжуваат со поддршка и соработка на институциите во Република Северна Македонија во борбата со корупцијата и дека на тој пат Северна Македонија не е сама, бидејќи нејзиното место е во ЕУ, а граѓаните тоа одамна го заслужуваат.